2win800x200

Ноемвриска изложба на ДЛУБ - 8 ноември во 20 часот, мала сала на Завод и музеј Битола

Ноември 08, 2022

Ноемвриската изложба на Друштвото на ликовни уметници Битола ќе биде отворена на 8 ноември во 20 часот во мала сала на Завод и музеј Битола. Уметниците – изложувачи, членови на ДЛУБ, по 59 пат ги поставуваат своите творечки дострели на Ноемвриската изложба. Предвечерјето на шеесетгодишниот јубилеј не останува необременето од прашањатa кои ѝ претходат и на Ноемвриската изложба и на ДЛУБ, а кои се интегрален дел на нивната генеза: Кои се перспективата и улогата на локалната ликовна уметност?; Каде го повикува окото нејзиниот хоризонт и во што зерка нејзиниот светоглед? Во овогодинешната изложба исто како многупати претходно соочени сме со ликовна фрагментација за која авторите сметаат дека е нивни подобен изложувачки презент.

Творечкиот опус чија тематика, стилистика и естетско-ликовна насоченост и техника е вообичаено разновиден, ја восликува ликовна сфера и лична атмосфера на ликовни тенденции и личносни тежнеења на членовите на ДЛУБ. Конститутивните елементи на делото, неговите композициски решенија, комбинацијата на боите, нивната чистина и интензитет, аглите на перцепцијата и перспективите, изворите на светлина, формата и нејзиниот залез стануваат конструктивни елементи на печатот на времето од изминатата година. Пресекот на таа година нѐ исправа пред сублимат од различни ликовни согледби обединети во набиениот копнеж за учество во ликовната клима на градот како и нејзино (ре)обмислување. Ликовната поставка на која не ѝ недостигаат поттикнувачки императиви се стреми кон духовните наслади на префинетото уметничко постоење. Ревијалниот карактер на оваа изложба нѐ ослободува од (не)благородната валоризација на естетското откровение.

Оваа традиционална изложба се одржува во чест на денот на ослободувањето на Битола. Во тој патос по слободата одекнува уметничката свест на народот кој обитува во Битола; народот кој во себе ја носи префинетата потреба од собитие со навестеното, неизвесното тајно естетство на неисажливото; народот пред кој во април 1915 година е поставена првата изложба во денешна Македонија.

Нема достапен опис

Ликовната сцена во Битола, нејзината еманација во ДЛУБ, уметничката свест на битолската публика не се акциденцијални изливи туку аналогни манифестации на надградби и бонификации на еден ликовен феномен со исклучителен историцизам и нагласена автентичност. Ликовниот живот на Битола е интегрален дел од нејзината историја а изложбите како оваа овозможуваат разбистрување на визурата за нејзината иднина преку уметноста. Изјави Филип Иванишевиќ, историчар на уметност. Во чест на почитуваниот ликовен уметник Илија Кочовски, плакатот е изработен со репродукција од негово дело. Учесници на изложбата:Ване Костуранов, Татјана Манева, Тони Попов, Владимир Младеновски, Димитар Димитров, Синиша Кашавелски, Петар Кирановски, Панде Петровски, Славица Михаилова, Роберт Михајловски, Дејан Макариовски, Елена Ѓорѓиевска, Стефан Малбашиќ, Бојана Артиновска Трпческа, Љубица М.Солак, Слободан Рајчевски, Стефан Анчевски, Оливера Лазаревска – Оља, Валентина Илијевска, Динко Ненов, Александар Поповски, Душан Шешиќ, Вангел Крстиновски, Илија Маџаров, Васко Ѓоргиев, Сашо Блажески Гости на изложбата: Боро Арсов, Zana Vossou, Alkiviadis Vosdou, Јане Крстески, Бојана Тошевска. Изложбата е поддржана од Општина Битола и истата ќе биде поставена до 18 ноември.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани