На денешен ден се родени Трајан Белев Гоце, Стево Патако, Тошо Даскалот

Јануари 04, 2023

НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 4 ЈАНУАРИ 1902,  во село Ѓавато, Битолско, е роден Трајан БЕЛЕВ-Гоце, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.

Предвоен печалбар во Франција, Канада и САД.  Од 1928 г. стана член на Комунистичката партија на Америка. Заради учество во работнички демонстрации и работа на комунистичка линија од властите на САД повеќепати бил затворан, суден и физички малтретиран. На крајот, по десетогодишен престој, беше присилно екстрадиран од САД.

Член на КПЈ од 1938 г. Во август 1940 г. стана секретар на комунистичката партиска организација во родното село, а нешто подоцна и член на Месниот комитет на КПЈ за Битола. Во време на бугарската окупација на Битолско беше многу активен во организирањето на вооружениот отпор. Во тој период најпрво е секретар на Првиот битолски реон на КПЈ.  Потоа во 1942 г. стана и член на Окружниот оперативен воен штаб во Битола.

Подоцна беше наименуван за политички комесар на Партизанскиот одред „Дамјан Груев“ и со него учествуваше во нападот на полициската станица во селото Кажани на 18-19 август 1942 г.

Беше и заменик политички комесар на Првиот баталјон на Втората оперативна зона на НОВ и ПО на Македонија, односно на баталјонот „Мирче Ацев“.

Загина на 6 октомври 1943 г., кај селото Кленоец, Кичевско во борба со балистичките сили.

                      ********

НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 4 ЈАНУАРИ 1921, во Битола е роден СтевоХРИСТОВСКИ-Патако, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.

Студира на правниот факултет во Белград, а по окупацијата продолжи во Софија. Уште пред војната е член на КПЈ и се пројавуви со својата активност во редовите на прогресивното движење во Битола.

Извесно време е секретар на Месниот комитет на СКОЈ. Во ноември 1941 г. ги подготвува радиовестите за илегалниот весник "Билтен" кој беше орган на Месниот комитет на КПЈ за Битола, редактиран од Стив Наумов и Љупчо Арсов.

Во септември 1942 г. стана член на Месниот комитет на КПЈ за Битола и во него е одговорен за младината и младинската комунистичка организација СКОЈ, како и за функционирањето на партиската техника.

Истовремено е член и на Окружниот комитет на КПЈ за Битола. Член е и на редакцијата на илегалниот партиски весник "Народен глас". За време на окупацијата, поради антиокупаторските активности, на два пати е затворан и жестоко измачуван. Кон крајот на 1942 г. беше уапсен и по тортурите во битолскиот затвор, бугарската полиција без изнудено признание и докази од него, го интернира во Кавала, во Егејскиот дел на Македонија.

По априлско-мајската провала во партиската организација во Битола во 1943 г., бугарската полиција доби нови сознанија за неговата активност и се реши да го врати назад од интернација. Но, тој на битолската железничка станица успеа да му побегне на полицијата и продолжи илегално да живее и дејствува во Битола.

Извршуваше најразлични одговорни партиски должности. На 28 јули 1943 г. беше повторно откриен и обиколен од бугарската полиција. Со оружје се спротистави на апсењето, но увидувајќи дека борбата е осудена на неуспех, за да не падне жив во рацете на непријателот со последнот куршум се самоуби.

                            *******

НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 4 ЈАНУАРИ 1910, во село Лавци, Битолско, е роден Тодор АНГЕЛЕВСКИ-Строгов, Тошо Даскалот, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.

Основно образование заврши во родното село и Битола, а Учителската школа во Прилеп ја заврши во 1929 г. Потоа работеше како учител, и е меѓу најистакнатите прогресивни дејци во Битолско во периодот меѓу двете светски војни. Од триесеттите години на XX век стана член на КПЈ.

По бугарската фашистичка окупација е еден од главните организатори на т.н. Илинденска демонстрација во 1941 г. во Битола.

Заедно со Стив Наумов и Трајан Белев, во 1942 г. беше најзаслужен и најангажиран при формирањето на Битолскиот партизански одред „Пелистер“, на Битолско-преспанскиот партизански одред „Дамјан Груев“ и на Партизанскиот одред „Јане Сандански“. Бугарскиот фашистички суд во јули 1942 г. во отсуство го осуди на смртна казна.

Во втората половина на март 1943 г. стана командант на реорганизираниот и бројчано зголемениот Партизански одред „Дамјан Груев“.

Од мај 1943 г, беше поставен за командант на Втората оперативна зона на НОВ и ПО ба Македонија.

Откако беше предаден, бугарската војска и полиција го блокира неговото родно село и тој на 23 јуни 1943 г. за да не биде заробен се самоуби.

Подготвил: д-р Александар Литовски, историчар

 
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани