2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

Средното економско училиште од Битола слави 100 години

Април 10, 2023

Од неговите клупи излегоа стожерите на македонската економија, јубилејот ќе го слават со свечена академија, документарец и публикација.

 
Истакнат професор по политичка економија на Економскиот факултет во Скопје, на времето, при полагање испит ги прашувал студентите на кого во средно училиште му имал предавано професорот Татарчевски во Битола и дали имал петка? Се јавила студентка која потврдила дека имала само петки кај него. Универзитетскиот професор ѝ рекол: „Дај ми го индексот да ти пишам осумка или можеш да полагаш за повисока оцена“. Оваа анегдота која зборува за солидниот наставен кадар и успехот што го постигнувале учениците во средното економско училиште „Јане Сандански“ од Битола се раскажува до денес, објави Факултети.мк.  
 
Од 30 до 155 ученици во прва година
 
Училиштето, од чии клупи излегле стожерите на стопанството и економијата не само во Битолско, туку и на ниво на држава, годинава слави еден век постоење. Во изминатото столетие, од моментот кога удрило првото училишно ѕвоно до денес, низ школото минале исто толку генерации колку и години. Првите ученици што сакале да се образоваат за трговци првпат седнале во клупите во далечната 1922/23 година во тогашната Средна трговска школа, сместена во денешните простории на училиштето „Гоце Делчев“ во центарот на Битола. Лимитот на запишани ученици бил 30 и школувањето траело само две години. Тоа било во времето на поранешното Кралство на СХС, кога тогашните власти процениле дека крајот има услови за стопански и трговски развој, па неопходна била едукација на продавачи и трговци.
 
Учениците што завршувале имале висок углед во општеството поради нивната стручна подготовка. Имале најповолни можности за вработување во трговијата, поштите, банките, осигурителните друштва... На некои работните места им биле резервирани уште пред завршувањето. За неколку години, училиштето прераснало во четиригодишно, а по ослободувањето - во економско „Јане Сандански“. Од 1974 година преместено е во адаптираната зграда на воената амбуланта при поранешниот југословенски гарнизон во Битола, каде што остана до денес.
 
 
Училиште со фамилијарна традиција
 
Средното општинско економско училиште „Јане Сандански“ денес редовно се одржува. Има енергетска фасада, спортска сала, реновирани подови, променета дограма, ЛЕД-осветлување, солиден училиштен ентериер, па дури и влез, лифт и тоалет за ученици со попречености. Ако некогаш учеле триесетина ученици, денес само во прва година ги има 155. Иако бројката на средношколци во Битола се намалува, училиштето успева да го зголеми приливот во прва година. Во училиштето има вкупно 530 ученици. На одморите врие како во кошница. Скалите низ објектот се испишани со ученички пораки, на ѕидовите висат фотографии од проекти, како и таблоа од изминатите генерации.
 
- Овде учеа мајка ми и татко ми. Тука се вљубија, тука ги стекнаа познавањата од економските науки и двајцата заминаа на Економски факултет. Брат ми заврши пред пет години во ова училиште, а сега учам и јас. Цела фамилија сме економисти. И повторно да одбирам, би го избрала истото училиште. Нѐ подготвува за сопствен бизнис - вели Марија Ј., ученичка во СОЕУ „Јане Сандански“ во Битола.
 
Директорот Александар Цветковски, кој е на чело на школото пет години, потврдува дека ова е училиште со традиција. Покрај тоа што опстојува сто години, во него со генерации учеле цели семејства. Така е и кај него, неговите мајка и сестра, па и тој учел тука, а сега и неговата ќерка пројавува интерес да се запише во средно економско.
 
 
Пракса во приватни компании под водство на ментори
 
- Ова училиште поттикнува индивидуалност и креативност. Нашата мисија е да направиме институција која ќе биде препознатлива на пазарот на трудот, односно со средното училиште учениците да се оспособат да одговорат на предизвиците на пазарот на трудот. Ставаме акцент на праксата. Учениците во прва и во втора година се оспособуваат, од трета година одат на пракса, склучуваме меморандуми за соработка со фирмите. Учениците ја извршуваат праксата под надлежност на ментор од компанијата и заедно со професорот учествуваат во креирањето на оценката за вештините што ги стекнал ученикот на работното место. Потпишани се над 70 меморандуми и со практичната настава се опфатени 220 ученици - вели директорот.
 
Во училиштето се едуцираат образовните профили економски техничар, деловен асистент, новата насока е-трговија и е-маркетинг. Училиштето има постигнато многубројни успеси, и тоа: втора државна награда на натпреварот по економска географија, втора награда за изработка на бизнис-планови, со спортските успеси традиционално се први или втори во градот, солидно постигнати успеси на натпреварите во банкарство, повеќе Еразмус-проекти и друго.
 
 
Од големи професори излегуваат и големи интелектуалци
 
И денес се раскажува за големите професорски имиња што оставиле траен белег во образованието во Битола, а предавале во економското училиште. Од Доне Стојчевски по географија, кој имал одлична меморија и без да пишува оценки паметел кој ученик што кажал, Нада Димовска по историја, Љупка Балојани – професорка по македонски јазик и поранешна директорка на школото, Томислав Ристевски, поранешниот пратеник, Благој Тошевски-Бага, Ѓорги Татарчевски, Томе Велјанов, Василе Дранговски, Снежана Анастасовска, па професорот Низамов по економски науки, кој знаел и многу јазици, па Цаглевиќ, Налбанти и други.

Од овие клупи се излезени познати директори на стопански капацитети, економисти, банкари... Од Тодор Чаловски, поранешен директорот на „Јавор“, Димче Стефановски од поранешната „Битолска пиварница“, Пеце Илиевски-Пуеро од „Жито Битола“, Вангел Торков од „Фустеларко“, па сѐ до денешни директори, меѓу кои и Гордана Балтова во Стопанска банка –Битола.

 
Прослава на стогодишнината
 
Стогодишниот јубилеј училиштето ќе го слави на патрониот празник, на 22 април, со свечена академија, публикација и документарец.
 
 
- На свеченоста ќе ги поканиме сите пензионирани и живи професори, луѓе од стопанството, ќе организираме музички и ораторски дел и забава за младите. Во тек е снимање на документарец за училиштето и објава на публикација, слична таква имаше на 50-годишнината. Потоа ќе следува отворен ден за да ни дојдат основците во училиштето и фирмите, да покажеме дека ова е едно од училиштата на иднината за младите - рече директорот Цветковски.
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани