2win800x200

Сопственикот на хациендата на Стрежевско Езеро уште лани барал приклучок за вода, ама не добил

Јуни 08, 2023

БИТОЛА – Бурни реакции и обвинувања во јавноста и на политичката сцена во Битола по обелоденувањето на сторијата во „Независен“ за хациендата што никнува покрај Стрежевското Езеро во заштитена зона од каде цела Битола пие вода и се наводнува Пелагониско Поле.

Ама, за жал, не била само хациендата, туку околу неа на истата локација, има уште неколку нови градби, вили, која поголема, која помала близу до брегот на вештачкото езеро.  

„Независен“ се обиде да дојде до дополнителни информации за спорната градба, но заради отворената истражна постапка не се откриваат детали.

Сепак дојдовме до информација дека сопственикот на хациендата уште лани писмено барал приклучок за вода до објектот од службите на ХС „Стрежево“. Но, не добил. Категорично бил одбиен. Прашање е дали обезбедил јама за фекалиите, каде ќе одат отпадните води од вилата, што беше причина за реакција на граѓани кои испратија анонимна информација до „Независен“, а случајот стана интересен и за политички напади и обвинувања.

Битолчани на социјални мрежи не ја кријат огорченоста што се дозволило вакво големо здание во приватна сопственост да никне на само неколку десетици метри од брегот на хидросистемот кој е од стратешко значење за регионот.   

„Еден сега, утре друг и елитна населба“, „Каде што буши парата ни закон ништо не можи, само во Македонија  е така“, „Не е важно чија е под итно треба да се преземи нешто, од таму пиеме вода“,  коментираат граѓани на социјалните мрежи. 

Други пак обвинуваат дека и сточарски фарми од селото Лера го загадуваат езерото и за тоа ништо не се презема.

Но, од „Стрежево“ категорично негираат и велат дека презеле мерки и ги информирале сите надлежни институции и дел од нив веќе излегле на терен. Вчера на лице место била инспекција и направила записник.  

Два дена по веста за хациендата, ОК на ВМРО-ДПМНЕ излезе со обвинувања кои директно ги упатува само до првиот човек на ЈП „Стрежево“ Битола, Менде Граматковски, иако тој во изјава за нашиот медиум нагласи дека хациендата се градела години наназад, се граделе и други објекти во изминатите десетина година, кои што ги утврдиле кога биле на лице место. Што значи за нив би требало да биле запознати и поранешните кадри од ВМРО-ДПМНЕ кои го водеа претпријатие до преземањето на власта од СДСМ, во периодот од 2006 до 2017.

Сега ОК на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција со поставување на прашања алудира дека изградбата на хациендата е аминувана со своевидна спрега меѓу сопственикот и раководство на ЈП „Стрежево“. 

„Го прашуваме директорот на ЈП ‘Стрежево’, Граматковски дали е точно дека со ваша ‘усна наредба’ во вечерните часови на викендите во текот на минатата 2022 година се отворале вратите на службениот влез на ‘Стрежево’ од патот кој води до имотот на бизнисменот? Одговорете јасно господине Граматковски, дали сето тоа се случувало лично по ваша наредба? Дали е точно дека во тие периоди кога поминувале камионите со градежниот материјал за изградба на хациендата од 1.500м2 по ваша ‘усна наредба’ се исклучувале камерите за видео надзор?“, рече Никола Котевски секретар на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Битола.

Котевски уште прашува дали Граматковски со ова го прекршил членот 58 од Законот за заштита на природата кој вели – „Забранета е изградбата на објекти или стопанисување со природните богатства крај природните извори, покрај брегот на природните водотеци, крајбрежјето на природните или вештачките езера“.

„Во што сте вплеткани, директоре Граматковски, какви матни зделки, поткупи или можеби уцени, само за да ја задржите директорската фотелја“, обвинува Котевски.

Директорот на ЈП „Стрежево“, Менде Граматковски кој уште лани во јуни го пријави случајот до Општина Битола, Обвинителството и СВР Битола, што значи пред точно една година, тврди дека ВМРО-ДПМНЕ клевети и прави инсинуации.

„Видео камери имаме на браната 24 часа како и вработени диспечери коишто го опслужуваат системот и обезбедување. Не сум дал усна наредба за исклучување на камерите и дозвола за премин по браната во вечерните часови. По мојот увид на лице место ги презедов сите мерки што беа потребни за заштита на санитарната зона околу езерото“, возвраќа Граматковски и како што вели со чиста совест – „Не сум вплеткан во никакви матни работи ниту сум зел нешто од некого, работам според законските прописи“, категоричен е тој.

Граматковски и првично кажа дека најверојатно градежните материјали поминувале и покрај патот кој води кон браната, но ЈП „Стрежево“ не е тоа што треба да ја стопира изградбата на објектот. Тој појаснува дека до локациите каде што се наоѓаат вилите, води и планински пат преку селото Лера, што се дели од патот Битола-Ресен, а не само преку браната од патот Битола-Демир Хисар. 

Засега од надлежните немаме информација дека градбата е стопирана.

Битолското обвинителство потврди дека имаат отворено предмет „но предметот е сѐ уште во фаза на проверки на наводите и утврдување на фактичката состојба“.

Полицијата не дава детали за нивната истрага.

Според информациите што ги имаме, хациендата ја гради стара битолска фамилија која има златарница и се занимава со други бизниси.

Бизнисменот одбрал еден од најубавите предели на битолскиот регион. Езерото е северозападно од Битола на оддалеченост од околу 22 км од градот под падини на Баба Планина и  планината Бигла. Пределот околу браната е во зеленило и со преубав поглед кон езерото.

А.Блажевска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани