2win800x200

По 18 дена од сообраќајката кај населбата „Карпош“ почина мотоциклистот кој го управувал моторот без кацига

Јули 01, 2023

После 18 дена хоспитализација, завчера починал 33 годишниот мотоциклист од Битола кој во судир со автомобил се здобил со тешки повреди на главата во сообраќајка кај наслебата „Карпош“. Од СВР Битола за Апла, велат дека во моментот на несреќата мотоциклистот не носел кацига на главата.

Со тешки повреди на черепот битолчанецот И.Ф. бил згрижен на интензивна нега во Битолската клиничка болница, но не успеал да се избори со тешките повреди здобиени од сударот со автомобилот. 

„Пациентот беше примен во многу тешка општа состојба, во кома, без рефлекси, повикани беа специјалисти од повеќе специјалности – неурохирурзи, ортопеди, хирурзи, консултирани беа специјалисти неурохирурзи од Скопје и според даденото мислење пациентот не можеше да биде подложен на оперативен третман, ниту пак транспорт. Пациентот беше со мозочна смрт за цело време“, изјави д-р Елизабета Ивановска, директор на Битолската клиничка болница.  

Несреќата се случила на 10 јуни во  02.31 часот на крстосница составена од улиците„4ти Ноември“, „Карпош“ и „Кичево“ во Битола.

„Во сообраќајната незгода учесници беа ПМВ марка „Пежо“ со битолски ознаки управувано од 41 годишен битолчанец и моторцикл марка „Хонда“ без регистарски таблици управуван од 33 годишен битолчанец кој во незгодата се здобил со тешка телесна повреда задржан за понатамошно лекување во  Клиничка болница Битола“, информираше Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола.

Во континуитет се апелите на сообраќајната полиција при СВР Битола возачите на мотоцикли да не возат без кацига на главата. Овој апел е особено упатен до младите кои најчесто управуваат со мотоцикл без кацига, и тоа во овие летни месеци.

Според Стаматова младите мотоциклисти неретко ја игнорираат законската обврска за користење на заштитен шлем како за возачот така и за сопатникот и неретко разговараат на мобилен телефон или со сопатникот додека управуваат со моторот.

Само пред еден месец при контрола на сообраќајната полиција санкционирани се 16 мотоциклисти од Битола, а од нив 8 не носеле кацига на глава. 

„Апел со младите мотоциклисти кои крајно несериозно и со голема брзина управуваат моторни возила, да носат заштитна кацига, да ги почитуваат правилата и прописите бидејќи се изложени на висок ризик да се здобијат со смртоносни повреди при случување сообраќајна незгода“, нагласува Стаматова, портпарол на СВР Битола. 

А. Б.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани