АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Министерството за транспорт и врски остро реагира и ги демантира наводите на градоначалникот на Битола, Коњановски, дека проектот за реконструкција на локални улици во населба Недопирливи намерно се кочи и дека Министерството за транспорт и врски нема изберено изведувач веќе 4 месеци.
"Градоначалникот наместо да ја критикува централната власт и финансиската поддршка што ја добива за реализацијата на капиталните проекти во Битола и да ја меша политиката во инженерската струка, го повикуваме навремено да ги заврши своите преземени обврски.
Да појасниме, според договорот, Општината е должна најпрво да изврши санација на комуналната инфраструктура на овие улици, пред Министерството за транспорт и врски да започне со реконструкција на коловозот и поставување нов асфалт.
Би сакале јасно да потенцираме, до овој момент, до Министерството за транспорт и врски не е пристигната потврда од општина Битола дека градежните активности се комплетно и квалитетно завршени.
Завршувањето на обврските од страна на Општината е услов за Министерството ги започне градежните активности за реконструкција на улиците во населба Недопирливи.
Дополнително, во Министерството за транспорт и врски паралелно и навремено се реализираат повеќе постапки, според пропишаните процедури и би сакале да потенцираме дека веќе е избрана компанија изведувач за реконструкција на овие улици, со која во текот на наредната недела ќе биде потпишан договор.
Владата преку Министерството за транспорт и врски е најголем инвеститор во општина Битола каде се реализираат капитални проекти со кои значително ги подобривме животните услови на Битола и Битолчани и даваме значителен инпут за регионален економски развој", наведуваат од Министерството за транспорт и врски, кое реагира на вчерашната објава на градоначалникот на Битола, Тони Коњановски во која обвини дека МТВ повеќе од 4 месеци не може да избере изведувач за асфалтирање на населбата Недопирливи, што е нивна обврска, а фазите водовод и канализацијата, што согласно договорот се обврска на Општината, објави дека се веќе завршени од страна на јавните претпријатија.