2win800x200

Директорката на Домот во Битола признава дека патувала со пензионер во странство, ама сѐ било законски

Февруари 19, 2024

БИТОЛА – Директорката на Средношколскиот дом „Мирка Гинова“ од Битола, Елена Спасеновска, признава дека патувала службено со пензионерот, поранешен вработен секретар во Домот, Менде Петровски, но тврди дека сѐ било законски.

„Независен“ пишуваше деновиве за службените патувања на директорката Спасеновска со пензионерот Петровски во Албанија и Србија со службениот „голф“. Во дел од патувањата сопатници се и други лица.

Во одговорот на нашите прашања за службените патувања Спасеновска наведува: „Во врска со вашето прашање за службени патувања во други земји меѓу кои се наведени Србија и Албанија, ве известуваме дека ДУД ‘Мирка Гинова’ – Битола, организира само службени патувања кои се спроведуваат согласно законските прописи на РС Македонија и кои се проследени со соодветни покани, агенди, одлуки за патување и налози за службени патувања за што постои соодветна документација“, вели Спасеновска во одговорот испратен до нас. Но во одговорот нема никаква документација, ниту покана.

Првично кога се јавивме кај пензионерот Менде Петровски, лично тој негираше дека со директорката патувале странство со службеното возило за службени цели, и самиот наведе дека, да, патувале во Албанија и Србија, но со приватни автомобили.

Дваесеттина дена од разговорот со пензионерот, директорката Спасеновска го тврди спротивното од Петровски.

Спасеновска во одговорот не објаснува која била потребата од присуството на пензионерот на сите овие службени патувања? Кој ги плаќал неговите трошоци за сместување и храна? Дали земал дневници за патувањата, бидејќи на порталот „Отворени финансии“ на Министерството за финансии, нема исплати на сметка на пензионерот во 2023 година. Последните исплати за него се заклучно 2022, кога бил ангажиран за советник на Домот.

Што се однесува до пишувањата на „Независен“ дека Средношколскиот дом во Битола исплатил неколку илјади евра на сметка на пензионерот Петровски, ангажирајќи го како советник, Спасеновска во одговорот тврди дека сите исплати биле законски и во согласност со потребите на институцијата, оти се работи за високо стручно лице.

„За конкретното лице поголем дел од исплатите се однесуваат на обврски од работен однос, плата и додатоци на плата кои јавно се објавени како записи во Министерство за финансии. Конкретното лице никогаш не беше ангажирано за давање правни консултации и услуги. Напоменуваме дека секогаш кога институцијата имала потреба од високо стручни лица, а во недостаток од таков соодветно вработен кадар, ДУД ‘Мирка Гинова’ во согласност со законските одредби ангажира соодветни консултанти за реализирање на тековните потреби на домот“, стои во одговорот од директорката.

Како што објавивме пензионерот Петровски само за период од околу шест месеци, од летото до крајот на 2022 година, по пензионирањето, бил исплатен со околу 5.000 евра.

Извор nezavisen.mk/

Објавено од А.Б 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани