
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Со комеморацијата денеска во Битола беа одбележани 81 година од депортацијата на битолските Евреи.
Свежо цвеќе беше положено пред спомениците на д-р Хаим Абраванел и Елпида Караманди, а од еврејското маало низ Широк Сокак се маршираше до железничката станица, од каде беа депортирани Евреите во логорот на смртта Треблинка во 1943 година.
-Битола како град страдалник, град и по 81 година од депортацијата на битолските Евреи не заборава на 11 март, не го заборава трагичниот ден и оддава почит на своите сограѓани. Целта е да не се повторуваат тие тажни моменти, а ние како Битола и битолчани, секогаш ќе го чуваме споменот за нашите сограѓани и ќе го чуваме во нашата меморија, истакна градоначалникот Коњановски.
Гостите од Израел ги споделија сеќавањата за своите предци.
-Битола е град за кој секогаш со љубов зборуваме за нашите претци, се сеќаваме на убавиот соживот, на приказните што сме ги дознале од нашите претци, за другарството и пријателството, за соработката во чаршијата и за дружењата меѓу соседите. За жал, ова е време кога не треба да заборавиме дека и денеска во светот постојат вакви лоши моменти и чувства и затоа сакаме да ја пренесеме пораката дека ова никогаш не треба да се повтори, нагласи Здравко Шами, претставник на Еврејската дијаспора.
Објавено од А.Б