Во Битола денес се одржаа повеќе тркалезни маси, средби, работни
состаноци и регионален форум, на кои градоначалникот на општина Битола
Тони Коњановски, директорот на регионалната стопанска комора Мирко
Велковски, вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи, министерот за
индустрија и трговија на Република Чешка Јозеф Сикела, претставник на
Одборот на индустрија и транспорт од Чешка, како и голем број
стопанственици од оваа држава и Пелагонискиот регион, разговараа за
развојот на бизнис соработката и можните економски партнерства помеѓу
двете држави.
На тркалезните маси, градоначалникот имаше можност да се сретне со
претставниците на бизнис секторот и регионалните стопански комори од
двете земји, да разговара со претставници на компанијата DATmoLUX и
електронската компанија „Кадлец“, а учествуваше и на средбите со
министрите за земјоделство на двете држави.
Во своето обраќање на Регионалниот форум, градоначалникот Коњановски
изрази посебна благодарност за активната вклученост на соработниците и
претставниците од Регионалната стопанска комора, кои секогаш се силна и
неопходна поддршка за надминување на економските предизвици и
имплементација на иновативни решенија.
„Ваквата средба е од посебно значење за сите нас, пред се поради
можностите за подобро запознавање, потенцијална соработка и секако
економски раст преку отворен дијалог, размена на идеи, меѓусебна
соработка и градење на силни партнерства кои водат кон одржлива и
просперитетна иднина.
Битола, навистина има многу што да претстави и понуди, како од аспект на
изготвена документација за повеќе проекти, така и од страна на можности
за потенцијални инвестиции, што секако ќе биде презентирано за време на
средбата и очекувам да поттикне на дискусија, но и на нови форми на
поврзување и споделување на знаења и искуства“, посочи Коњановски.
Од своја страна чешките компании ги претставија своите бизнис идеи пред
македонските претставници, а од нивна страна се одржа презентација на
проектот е-фарма.
Објавено од А.Б