Во организација на Македонското научно друштво од Битола, во соработка со Педагошкиот факултет, Универзитетот „Свети Климент Охридски“, Студентското собрание при УКЛО, АРТ ПОИНТ – ГУМНО, с. Слоештица и „Europe House“ од Битола, се одржа чествување на 90 години од раѓањето на Петре М.Андреевски, во неговото родно село и вечното почивалиште – с.Слоештица, Демир Хисар.
На гробот на Петре М. Андреевски, заедно со
останатите организатори и учесници на чествувањето, свежо цвеќе положија и евроамбасадорот Дејвид Гир и градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски. Одбележувањето продолжи со културна манифестација на која беше изведен рецитал од страна на Димитар Атанасовски и Ева Нешкоска, како потсетување на најголемите и најубави мудрости од најзначајните дела, а свое обраќање покрај Амбасадорот Гир, имаа и иницијаторката на настанот д-р Силвана Нешковска и претседателката на МНД Битола, д-р Невена Груевска.
Присутните имаа можност да присуствуваат и на свеченото откривање на скулптура на уметникот Никола Пијанманов, а настанот беше заокружен со рецитал на „Песна за мојата песна“ од Петре М. Андреевски, во која динамично, се искажува големината на песната, како и нејзината возвишеност во животот на поетот.