Пабло Лозано и Душан Хусар, кинематограферите на филмовите „Хроники на една скитачка светица“ од официјалната селекција Камера 300 и „Осаменост“ филм кој синоќа беше прикажан во Европската Lo-Cap програма.
Во едно аргентинско гратче, една побожна, но компетитивна жена сфаќа дека доколку измисли дека доживеала чудо, може да ја прогласат за светица. Но, пред да објави дека чудото се случило, еден шокантен настан и ја покажува скриената магија на нејзиниот свет, принудувајќи ја да го преиспита сето она што го земала здраво за готово.
-Среќен сум што наидов на вакво сценарио, беше многу интересно да се размислува и да се процесира сетот тоа, рече Лозано кој раскажа дека со режисерот се познаваат од училишните денови и дека снимале и кратки филмови заедно.
Сите во селото биле возбудени додека се снимал филмот, црквата е многу интересна и реткост е да се најде таква.
-Чуда може да се случат насекаде, во многу мали места не само во Аргентина, туку било каде во светот. Имавме среќа што ја најдовме таа напуштена железничка станица за да снимаме таму, а статуата која исчезнува во филмот навистина ја нема долго време, тоа не е фикција, раскажа Лозано и рече дека филмот се прикажува веќе шест недели во кината во Аргентина.
Во рамките на новата селекција на европски филмови од земји со низок продукциски капацитет, кои ќе се натпреваруваат за наградата „Златна европска камера“ на 45. ИФФК „Браќа Манаки“ денеска Душан Хусар, кинематограферот на филмот „Осаменост“ говореше за своето искуство додека се снимал филмот.
-Прекрасна беше локацијата Исланд, каде и да погледнеш можеш да снимаш, што за нас беше фасцинантно, а за нив секојдневие, затоа беше предизвик за мене да пронајдам смирени и мирни места кои ќе бидат реални и за нив и за нас, без да се стави акцентот само на најубавите места, рече Хусар.
Филмот „Осаменост“ ја раскажува приказната за тоа дека државата принудува еден земјоделец кој живее мирен живот на село да го продаде својот дом, да остави сè зад себе и да се пресели во главниот град, каде се спријателува со 10-годишен доставувач на весници.