Во рамките на Форумот за граѓанско општество и тинк тенк кој се одржува во Берлин од 9-11 октомври, секретарот на општина Битола Борче Димитровски беше дел од говорниците во панелот наменет за енергија, климатски промени и декарбонизација.
На мешовитиот панел, кој вклучуваше претставници на локалната самоуправа и граѓанскиот сектор од земјите во Западен Балкан, како и институциите партнери во
Берлинскиот процес, Димитровски ги посочи предизвиците, но истовремено и потенцијалите на целиот Пелагониски регион во престојниот процес на Праведна транзиција.
„Битола е град во чија близина има термоцентрала и токму затоа процесот на декарбонизација и зелена транзиција е многу важен. Имаме многу документи кои се однесуваат на транзицијата, но поголемиот дел од нив не кореспондираат со реалноста. Транзицијата за да е праведна, треба да е искрена. И затоа, едно е да се прават стратегии и документи, но друго е да се има искрен пристап кон процесот. Ова е скап и комплициран процес. Ние не сме богата земја и затоа ќе ни требаат фондови за да го реализираме процесот. Од тука доаѓаат и најголемите стравови, бидејќи лесно е да се говори за процесот на Праведна транзиција, но не е лесно да се говори за човечките животи на лицата кои работат термоцентралата. Убаво е да се има чиста животна средина во Битола, бидејќи и јас ги раснам моите деца тука, но не смее да имаме економска катастрофа за регионот. Затоа, треба да бидеме искрени кон процесот, но пред се реални“, истакна во дел од своето обраќање на панелот, секретарот Борче Димитровски.
Панелот предизвика огромен интерес кај публиката која го следеше Форумот во живо и имаше можност да постави прашања до сите говорници. Во панел дискусијата учествуваа Денис Жишко – координатор на програмата за енергија и клима на Архус центар, Адам Швец – раководител на европската единица за зелени договори при Енергетската заедница и претставник на ГИЗ. Настанот го следеше и македонскиот амбасадор во Германија, проф. д-р Илбер Села.
Форумот за граѓанско општество и тинк тенк CSF 2024е организиран од Здружението на Југоисточна Европа и Институтот Аспен Германија во рамките на Берлинскиот процес со поддршка на германското Сојузно Министерство за надворешни работи.