Денес во просториите на ООУ „Тодор Ангелевски“ Битола беше промовирана изработената web-мапа за обележјата од периодот на НОБ во Битола. На настанот беа присутни претставници од Сојуз на борците на НОАВМ 1941- 1945 и граѓаните продолжувачи од Битола и претседателот Стефан Бошков, директорката на училиштето Наташа Швигир, претседателот на РГД „Геосфера“ Мите Ристов, наставници и ученици.
Истражувањето под наслов „ПАТЕКАТА НА ХЕРОИТЕ: СПОМЕНИТЕ ШТО ГОВОРАТ“ беше поддржано од Општина Битола и Локалниот совет за волонтерство на општина Битола -ЛСВ, преку Повикот за организирање на волонтерски акции, на кој РГД „Геосфера“ конкурираше заедно со ООУ „Тодор Ангелевски“. Со спроведувањето на оваа волонтерска акција учениците добија таблети, кои ќе ги користат во идните истражувања на ГИС секцијата во училиштето.
Картата со помош на ГИС-софтвер, ја изработија учениците од IX одделение, членови на ГИС секцијата, заедно со нивната наставничка по географија, Гордана Богоевска.
Таа претставува сеопфатен документ каде се претставени податоци за објектите, нивно значење, фотографии, анализи од различен вид, поврзани со животот и делото на паднатите борци.
Со овој настан и ние им оддаваме почит за огромната жртва, што тие ја дадоа за нас и се приклучивме кон одбележувањето на значајниот јубилеј, 80 години од ослободувањето на градот Битола.