Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и претседателката на општинската организација на Црвен Крст, Лилјана Ристевска, денес ги доделија сертификатите на 10 лични асистенти, кои успешно ја завршија обуката од 3 месеци, спроведена од Црвен крст, а финансирана со износ од 200.000 денари преку програмата за социјална заштита на Општина Битола за 2024.
Ангажирањето на асистентите е врз основа на договор на
дело, а исплатата се врши во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Согласно Законот за социјална заштита, правото на лична асистенција е предвидено како услуга која им се обезбедува на лица со попреченост заради поддршка во секојдневниот живот и овозможување поголема независност.
Личната асистенција се обезбедува, со цел да се овозможи независно и самостојно живеење, активно и рамноправно учество во заедницата, како и вршење секојдневни активности, кои лице без попреченост вообичаено ги извршува без поддршка.
Личната асистенција се обезбедува за лица од 6 до 65 годишна возраст кои имаат потешка и најтешка телесна попреченост или потполно слепи лица во траење до 80 часа месечно и опфаќа:
– вршење основни и инструментални активности од секојдневниот живот во домот на корисникот
– помош и поддршка на работно место, во образовна установа/ центар каде корисникот обавува активности на оспособување
– помош и поддршка во заедницата во која живее корисникот
Услугата ја даваат исклучиво лиценцирани лични асистенти, при што личен асистент не смее де биде лице кое е член на семејството на корисникот, односно лице кое живее во исто домаќинство со него. Лична асистенција не можат да користат лица кои имаат склучено договор за доживотна издршка.
Правото на личен асистент може да се оствари низ 3 фази, односно преку:
1. Апликација: Лицето поднесува барање до Центарот за социјална работа во општината каде живее.
2. Проценка: Се прави проценка на потребите од страна на стручни лица.
3. Доделување: Доколку се исполнуваат критериумите, се доделува личен асистент.