АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Утре вечер во битолскиот културен центар „Магаза“ во рамки на ИФФК „Браќа Манаки“, Кинотека на Македонија ќе приреди изложба и филмски проекции со кои се одбележува 60- годишнината од премиерата на македонскиот игран филм „Мис Стон“.
Под насловот „Мис Стон: Некаде помеѓу Елен и автономија“ во Битола ќе бидат изложени фотографии, документи, преписки, сценарија, прес-клипинзи, книги на снимање, сценографски скици, пропаганден материјал и друга архивска граѓа.
Од ИФФК „Браќа Манаки“ информираат дека по повод јубилејот, пред македонската јавност и филмската публика, ќе биде презентиран значаен дел од сочуваните материјали кои денес се дел од збирката на пишувана документација на архивот на Кинотека на Македонија.
Веднаш по својата премиера во 1958 година, „Мис Стон“ стана еден од најгледаните филмови во тогашна Југославија, во 1959 година доби три Златни арени на фестивалот во Пула, а наградите ги добија актерите Петре Прличко и Олга Спиридоновиќ, како и сценографот Василије Поповиќ-Цицо.
Според архивски податоци, македонскиот игран филм „Мис Стон“ бил наградуван и на меѓународните филмски фестивали во Единбург во 1960 година, и во Њу Делхи, во 1961 година.