
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во рамките на одбележувањето 80 години настава на современ македонски јазик, денеска во 20 часот во Центарот за култура во Битола ќе бидат прикажани два уметничко - документарни филма снимени од ученици од Горната гимназија.
„Неговиот глас“ под менторство на професорот Никола Трајковски и „Прекршени времиња“ под менторство на професорката Софија Бејковска. Претходно во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Идни спомени“ од ученичката Дамијана Ристевска.
„Учениците од прво 6 за прв пат подготвија проект со цел да се прикаже минатото и сегашноста и борбата за македонскиот идентитет и национална свест. Филмот е насловен ‘Прекршени времиња’, таквата е сликата која што ја оставаме денес за македонската национална свест и македонскиот јазик. Децата изненадија со нивната креативност“, изјави професорката Бејковска.
Во филмот – „Неговиот глас“ зборуваат двајцата академици, поранешни ученици во Горната гимназија, Владо Камбовски и Живко Попов, како и интервјуа на познати лекари, професори, актери… кои учеле во гимназијата.
„Овој филм е своевидно патување низ времето, прераскажува приказни од минатото, на академици, професори од гимназијата, на значајни личности во општеството кои ја поминале младоста во гимназијата и ги раскажуваат своите искуства, спомените од средношколски денови. Актери во филмот се доајенот на битолското глумиште Борис Чоревски и нашиот ученик Борис Граматковски. Овој филм е глас што тивко говори за нас, а силно одекнува низ просторот и времето“, рече професорот Трајковски.