
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во современата дискурзивна филозофско-педагошка рамка, за гимназиското образование се вели дека е клучен општествен институт, неопходен за реализација на духовните можности на човекот. И образованието воопшто е феномен на човековиот опстанок гледано низ неговото откривање на светот и можноста за решавање на сите видови општествено-уметнички, природонаучни и спортско-рекреативни проблеми и предизвици. Тоа опфаќа постапки на стекнување искуства и нив ги преобликува во знаење што служи при формирањето на личноста. Постои откако човекот осознал дека може да си го олесни животот преку истражување на природните и општествено-социјалните појави. Што би било со човекот ако не ги наследел искуствата и знаењата на генерациите пред себе? Дали креативноста на човекот би се развила без проверен и институционално поддржан систем? Што би било со мотивацијата ако образованието не одговори на современите светски, научни и воспитни текови? Образованието е клучен фактор за развој на индивидуата и на колективот.
Училиштето е основен систем на вредности. Во себе носи сознајно-научни, мотивирачко-креативни, морално-воспитни парадигми што обликуваат еден иден творечки потенцијал како средиште на севкупниот развој што се случува и треба да се случи во нашата општествена средина, но и на универзално ниво. Светот е сѐ помал, но просторот за дејствување е сѐ поголем. Глобализацијата наметнува потреба од втемелување на нашиот образовен систем во севкупните движења на научната мисла. Тоа широко ќе ја отвори вратата во европските и во светските интеграции. Поради потребата да го завршиме конечно „сизифовскиот“ транзициски општествено-образовен период и да станеме конкурентни и компетентни во понудата и побарувачката на пазарот на трудот, потребна ни е објективна критичка мисла која ќе ни сигнализира дека Македонија е дел од светот и дека повеќе нема место за изговори за деградацијата на образовниот систем. Во последниве 35 години во неа да се живее е еднакво на играње игри на добивка: лотарија, покер, бинго, „брзи прсти“... Зошто? Затоа што статистиката покажа дека многумина добија „среќни“ добивки и „грин кард“ за купување билет во еден правец: Америка, Австралија, Европа... Таму ни се случува модерниот егзодус на нашите образовани и помалку образовани кадри, зашто овде кај нас леб нема еднакво за сите.
Неслучајно се вели дека за да се направат темелни промени во општеството, потребни се пред сѐ реформи во образовниот дискурс. Исто така, историско-општествената практика знае дека за да се уништи едно општество, за да се разнебити неговиот идентитет и самостојност, па и да се замати националната свест на народот, се применува методот на ретроградни реформи кои со својот конзервативизам ги активираат силите на морална, образовна и национално-духовна ентропија. Впрочем, тоа македонскиот народ го почувствувал низ историскиот ôд низ долга временска рамка кога не можел да се образова и да создава дела на својот мајчин македонски јазик. Како припадник на генерацијата родена во седумдесеттите години на 20 век, сведок сум на идиоритмичноста на широкиот слоган: УЧАМ (ЧИТАМ), ЗНАЧИ ПОСТОЈАМ! Ако за мојата генерација и генарациите пред мене тој слоган водеше кон квалитетно поминато време на училиште и дома, 35 години потоа, на т.н. генерација Зет овој слоган ѝ е неприфатлив и одбивен. Оваа генерација се поклонува на изборот: не учам и не читам, значи сум конкурентен за медиокритет и за затапен субјект кој постои за својот ајфон или друг „паметен“ уред и тој ќе ме пренесе преку Рубикон. Но вината не може да се стави врз учениците. Таа се наоѓа во „модерниот дом“ каде што нема библиотеки и во демодираниот став дека на детето пред спиење треба да му се прочита приказна за добра ноќ. Вината е и во новокомпонираната филозофија која се базира на вистинити факти: зошто образование кога може необразованите да се министри и сопственици на фирми; мижење пред фактот дека ни се случува пред очи врсничко насилство, негово релативизирање до небулозното исмевање на жртвата дека нема храбост да му врати на „насилникот“. Знаете, не е „машки“ да се плаче и да се побара помош. Зошто да се читаат книги стари стотици и илјадници години, сега е ново време, нов век и со помош на вештачаката интелигенција се може сѐ. O tempora, o mores!
Историско-културолошки гледано, ние како Македонци имаме свои светли мигови и тие сѐ уште ни се патоказни симболи низ патиштата на оформувањето како нација со своја автохтоност без алтернатива на ниеден пробугарски или прoбудалски исказ дека сме вештачка творба на Тито. Македонскиот народ, од Првото заседание на АСНОМ во 1944 г. па до денес, веќе се ослободи од трауматските точки на негирање на јазикот и нацијата низ историско-политичкиот контекст и доби можност да гради образование по своја мерка и на свој стандардизиран македонски јазик. Така, Гимназијата „Јосип Броз Тито“−Битола е една од првите гимназии во Македонија во која започна да се изведува настава на македонски јазик на 6.2.1945 г. и оттогаш до денес е топос во кој се образоваат низа генерации кои со својот личен печат ја дефинирале оваа институција како најважна во процесот на актуализацијата на талентот и креативноста како темелни вредности на личноста на ученикот кој станува иден академски граѓанин и градител на татковината. Впрочем, тоа е процес на зацврстување на општеството и на неговите суштински премиси: загледаност кон иднината и реализација на духот на идеите на новото време. Така, образованието во Гимназијата го привлекува духовното внимание на современото човештво. Таа станува хронотоп со вистински универзален карактер, станува единствена парадигма за современо и модерно образование во кое ученикот и професорот се креатори на позитивната образовна клима во училиштето.
Гимназијата е хронотоп на вербална и мисловна креација. Во неа, денес, впечатокот за неодминливоста на времето е создаден од интезитетот на присутноста на историското, сегашното и идното време, зашто сѐ е во света симбиоза: време, луѓе, настани. Стварноста за да не биде мистификација, поаѓа од сензибилната перцепција на топосот (зградата на Гимназијата), од интелектуалните способности и психологијата на учениците и возрасните (професорите), принципи единствено својствени на човекот.
Прагот на училишниот двор е слика на сонот кој треба да дојде со немерливите можности на надежта. Затоа вреди да се мине прагот сам, но и заедно со познати и непознати. Имињата доаѓаат подоцна како раѓање на самонаоѓање и раѓање на споменот и треба да се продолжи, да се истрае. Границата на непознатото во дворот трае од преминувањето на прагот на влезот, продолжува во оние четири години кога времето и просторот им припаѓаат на гимназијалците и никогаш не завршува, живее во спомените.
Дворот го повикува неспокојството пред влегувањето во училниците, радоста од постигнатото и радоста на ослободувањето при средби и раѓање љубови, на среќни и разочарувачки мигови, радоста на завршени задачи, договарања за утре, ослободување од деструктивна енергија која често доаѓа од проста суета и неоствареност.
Чинам дека во гимназискиот двор нема деструкција, туку препородување, и сите сме соучесници во тоа патешествие. Понекогаш копнежите и надежите се оставени за идниот ден, но и тоа е чиста убавина на младоста во училишниот двор, полн со флуидност.
Може ли да се прескокне дворот, полн птичји гласови, растреперени дрвја, може ли да се прескокнат спортските терени, може ли радоста на победата да се затвори зад решетки, може ли смеата да не прави круг на небото за едно среќно време на средношколските денови?
Животот е биографски роман. Сите романи се хронотопи. Средиштето е личната призма на секој ученик и професор. Ним им припаѓа средишниот хронотоп. Тоа е реално гледање на светот и времето во светот. Од дворот започнува хетеротопијата и хетерохронотопијата. Нема линеарност.
Хетеротопиите како други простори водат и до внатрешните простори на душата. Тие имаат врска со паметењето на просторот како историски афинитет и како уметничка креација. Во неа постојат реални и фиктивни простори на духот кои се пронаоѓаат во актуелната стварност: средби, љубови, таги, радости, падови и издигнувања, познанства и разделувања, се реализираат новите ритуали на иницијацијата.
Дворот е хронотоп на дијалогизам и полифонија. Еден богат синкретизам флуидно создаден сам од себе, со шаренилото ликови, движења, гестови и сценски простор на млади дејствувачи во шаренило од костими: хипи, панк, хевиметал, шминкери.
Зградата на Гимназијата стои речиси и пред дворот. Таа блеснува неосвоива однадвор, но реализирана одвнатре како хетерохронотопија. Убавината доаѓа од дворот полн дрвја и цвеќиња и претставува почеток на некоја имагинарна слобода. Таа сепак е најгостољубиво подрачје внатре, современа доминирачка сила на универзалноста на логосот.
Денес ја знаеме вистината, одамна созреало изʻртеното семе што го посеале некои други луѓе во мигот на иницијациското создавање на јазикот: само со негување на јазичната норма, учениците ќе добијат легитимација да бидат дел од културата на светот. Јазикот ги носи потаму од видливото, ги носи до недопрените простори на креацијата. Со јазикот сите ентитети на овој наш свет топос имаат чест да ја изразат татковината и да ја направат достојно место за живеење.
И повторно се враќам кон светата важност на училиштето како синтеза на два света (ученици и професори) со заеднички именител. Животот е исклучителна појава што ја открива младоста како една изворна совршеност на светот. Таа претставува неограниченост на сите времиња и на сите простори, зашто циклично се појавува во секоја генерација.
Нашата Гимназија е израз на љубовта и младоста во траење, таа е место на симбиоза на минливото и вечното, таа е место каде се раѓа младешкиот порив за знаење и патување низ сонот за идната професија, таа е идеал за средба на науката и уметноста, на копнежот да се спознае неспознатото. Таа е време на сите времиња, универзум на љубовта што се раѓа и трае низ сите облици на промената на егзистенцијата.
Времето тече линеарно и разбранувано, виори и се разгранува во величината на творечкиот чин. Тоа е вистина што никогаш не се троши. Живее во чудесните треперења на духот, таа е она големо патување во кое се лови светлината од зеницата на светот, мил копнеж за допирање на новата стварност.
Нашата Гимназија е мисловна и вербална реализација, наш храм во кој младоста ја искажува својата потенцијална енергија за креација и подвиг, иако понекогаш се чини дека времето е обременето и со стравот на исчекувањето на резултатот од влогот во себе.
Гимназијата е сакрален простор каде науката се милува со музиката и боите на цртежот. Таму стихот се множи со младоста за љубовта да стане постојан нејзин белег.
Гимназијата „Јосип Броз Тито“-Битола е нашата голема идеја што секогаш го претставува логосот на светлината и ја симболизира прославата на пролетта како младост на времето, како вечен сон за детскиот сигурен пристан во нејзините непресушни брегови.
Младоста во човековиот живот е време на насочување кон севозможноста на постигањата – научни, уметнички и спортски, а секогаш под директното насочување на творечко-менторскиот влог на професорот кој спие со отворени очи. Тоа се случува само кога се има на ум почитувањето на најголемата доблест – љубовта кон подвигот низ чесниот натпревар на можностите на младите од секаде: од Битола, од Македонија, од светот. Чесноста и посветеноста во учењето се детерминирачка свест, етичка димензија на натпреварот на вистинските можности на умот, духот и телото.
Почитувана јавност, нашата Гимназија е демократска средина во која правото на ученикот да го каже своето мислење се почитува како човеково право, а правото на професорот суштински да образова и да воспитува, останува свето право. Создадовме од Гимназијата образовен форум во кој не е најважно само формалното образование, туку е исто толку важно и неформалното образование.
Остануваме да бидеме секогаш афирматори на севкупните позитивни промени на свеста на локално и на глобално ниво, да бидеме Македонци што нема да ги прифатат ограничувањата од никаков вид, туку ќе бидат идентитетски белег на Македонија во Европа и во светот.
професор м-р Даниела Петровска