2win800x200

Камен нема или грешници има многу (Пишува Даниела Петровска) 

Април 16, 2024

 

Пишува  м-р проф. Даниела Петровска 

 

                  Многумина длабат во каменот мислејќи дека ќе станат уметници. Но уметници стануваат оние што длабат во животот за да го оживеат каменот. Внатрешниот слух  може да почувствува дека каменот има душа. А таа, душата, во срцевината носи камен. Во еден петроградски музеј пишува: „Камења, бидете цврсти како човекот“. А како да се стигне до таа мека цврстина на каменот ако тој во себе не ја сокрил цврстата мекост на човекот. Значи ли дека каменот е втората човекова природа? Човекот е втемелен во каменот со своето дело или со тоа што длабел во него се открил самиот себе и тие станале судбински неразделни? Дали каменот од планината води битка со рамницата? Ќе се истркала ли тој за да се успокои во прегратките на житното поле или ќе запали оган со окото кремен?  

            Дали каменот е болна геометрија што хоризонтално тежи од минатото и тажи над побегнатата иднина?  Стои тој загледан во себе и брои времиња или простори, раѓања и умирања на ефемерни егзистенции. Сфаќа дека сѐ што минува покрај него го подмладува времето со својата смрт, а тој станува преодно место каде  што се остава вечноста. Освојувач е на безграничниот простор на времето. Патот од каменот до нас и од нас до него е како раѓање на некогашното вчера во далечното утре.

            На мапата на крстопатот ќе го зашутка некој, зашто „скаменет“ од страв заборава да чита знаци и се фаќа за глава, не знае дека нему му припаѓа бескрајот.  Камениот цвет раѓа цут во пустината на душата, а таа е бескрајна оаза на песокта. Во неа тече камена река суводолица, замира времето во воденичка празнина. 

Се тркалаат камења низ угорниците на немирот и ветер ја раѓа солзата на Ниоба. Удолниците ја пречекуваат Сизифовата карпа, чиниш казна за непросветлените, а тоа е само доживеана слобода меѓу два напора на волјата да го прегрне ветерот низ заблудените гранки на малите „офелии“. 

Низ одронот на времето каменот ја бара својата трајна неменливост, заспал во сонот на талкачите и му побегнал кругот на бесмртноста. Делфи не постои, каменот станал прибежиште на Зевс, но стравот од смртта рика во него – што ако е бог? 

           Срцето е камен или срцето не е камен? Во студена полутемнина огнот сонува бестелесна некамена душа. Водопади ја удираат карпата за да направат од неа прамајка. „Удрете со каменот по безгрешниот!“ – вели Исус. Камен нема или грешници има многу? Како да ги препознаеме нив кога изгледаат безгрешно? И каменот не „лета“ веќе кон непознато.

Како вечна несоница, застанал каменот за побуна на природата што со векови нѐ притиска. Се тркала низ времепросторот за да опомене на внатрешниот блесок на душата што живее меѓу ѕвездите и срцето.

            Низ каменот бучат вододелници за реки да потечат со ѕвонење на гром. Глувите да прослушаат, слепите да прогледаат, да се растргнат празните простори, да се изградат темели, мостови и храмови, луѓето да излезат од каменот на пештерите. Ќе побараат камен, а камен нема, ги притиска тежината на житата и ветрот што се движи низ камената клисура. Низ ехото на клисурата се гради мост распнат меѓу копнежи и соништа. Ќе заспијат таму кога се стемнува. Каменот ќе им биде постела меѓу неколку страка од трева и белина нежен цвет.

Каменот има главоболка на владетел, бира меѓу можноста да скита или да остане под катанецот на прапочетокот на светот. Како и да е,  замине ли, сепак ќе се врати ако најде пак сличности со луѓето. Под него, од длабочини ќе гори роза, ќе се стркала во пладневни бои и ќе застане да сонува вечност во која се кријат тајни од раздвижено време меѓу две карпи во вселената.

             Во предвечерието на изборите во Македонија и во САД, среде време на воени судири, шизофрено растревожени од можноста дронови да го разнесат каменот на мудроста, се прашувам за резултатите од личниот и од колективниот избор. Дали камења ќе паѓаат од небо и ќе се оствари Јеховиното пророштво дека на Земјата ќе останат само „избраните“ или „богови ќе ни паднат на темето“? Кој ќе се скамени од тага и кој ќе игра петкамен со судбината на народите?

  Автор м-р проф. Даниела Петровска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани