2win800x200

Благодарноста е спокојство на емоцијата, благодат на разумот (Пишува Даниела Петровска)

Декември 23, 2024
Даниела Петровска Даниела Петровска

„Освен што е најважна, благодарноста е мајка на сите други вештини“ – Цицерон

Современиот свет во кој кич вредностите тежнеат да прераснат во парадигма на доминантна допадливост и во критеритум за социјално проактивен живот на поединецот кој ако не е дел од конформистичката група не ќе може да влезе во системот на „оригиналните соѕвездија“ на конечната затвореност на елитниот свет на модерните урбани локали каде што се создава т.н. суперрасположение на вештачките раеви и на егзотичните  тикток „селебрити“ личности, се наоѓа пред сериозен пад на вредностите на умерената и сериозна уметност и на спокојниот и осмислен живот кој некогаш навистина завршуваше со епската формула: „И си живееја среќно до крајот на животот“

Светот во својот времепростор со вакви кич продукти станува пандемичен и прашањето на лично пристапување кон него е прашање без дилема. Отстапувањето од него е напуштање на комфорниот општествен статус, напуштање на агресивната нападна и наметлива нискофреквентна „уметност на мигот“.  Оттука и доаѓа прашањето како да се остане имун на новкомпонираната естетика на кичот која во себе носи агресивност, радикалност и декомпонирање на милениумските доблести насочени кон  човековото изразување благодарност, љубов, сочувство, кон постигнување на среќа и животна радост.

Мојата цел е да укажам дека во контрапункт на „апсолутните“ вредности на кич естетиката која наметнува и соодветна „етика“, стои поттикот за креација на уметнички и етички премиси пред кои не е исправен никаков апсолут, туку  поттикот за стимулација на духовната и разумската активност кои треба да резултираат со отвореност за ресоздавање на нова етика и естетика како две сообразени и конструктивни разумски и духовни енергии. 

Што е благодарноста? Дали е емоција, етички императив, или пак филозофска рефлексија на човековото постоење? Овој текст има за цел да ја разгледа благодарноста како филозофски, етички, религиски и разумски феномен, да постави хипотеза дека благодарноста е спој на рационалност и духовна чувствителност и да ги истражи аргументите и доказите за нејзината универзална важност наспроти наметнатите кич концепции  преку агресивното шоу на „урбаната“ елита за вредноста на мотото дека среќата е само во „високи чизми и црни чорапи...“

Благодарноста е свесност за заемната поврзаност меѓу човекот, природата и општеството, изразена преку дела на признание и уважување. Таа не е само спонтано чувство, туку и рационален избор што ги облагородува поединецот и заедницата. Овој феномен ги надминува границите на емоционалната реакција, претставувајќи мост меѓу материјалното и духовното.

Благодарноста како филозофски феномен

Филозофијата го истражува концептот на благодарноста како дел од суштината на човечката природа. Аристотел во Никомахова етика ја опишува благодарноста како доблест што ги поттикнува луѓето да се грижат едни за други. Тој нагласува: „Доблеста е патот до среќата, а благодарноста е мостот што го поврзува индивидуалното добро со колективното.“ Според него, благодарноста е израз на етичка зрелост, така што човекот го препознава доброто во другите и соодветно одговара со праведност и добрина.

Фридрих Ниче, од друга страна, ја анализира благодарноста преку призмата на моќта. Во Така зборуваше Заратустра, тој истакнува дека благодарноста не е знак на слабост, туку на сила: „Да се биде благодарен значи да се препознае вредноста на дарот без да се намали сопствената вредност.“ Ниче учи дека вистинската благодарност не подразбира потчинетост, туку израз на достоинство и препознавање на убавината на животот.

Благодарноста во етичкиот контекст

Имануел Кант во Критика на практичниот ум истакнува дека благодарноста е морална должност. За него, таа не е само природна реакција на добрина, туку и рационална обврска што произлегува од принципот на категоријалниот императив: „Дејствувај така што твоето однесување треба да може да стане општ закон.“ Благодарноста, според Кант е чин на морална зрелост, бидејќи го поставува индивидуалниот интерес во служба на заедничкото добро.

Религиски аспект на благодарноста

Религиите го величаат благодарното срце што го поврзува човекот со божественото. Во христијанството, благодарноста е срцевината на молитвата, симбол на признание за даровите што доаѓаат од Бога. Апостол Павле во своите посланија често нагласува: „Благодарете за сé, зашто тоа е волјата Божја.“

Во исламот, терминот „шукр“ означува не само благодарност, туку и активна обврска да се врати добрината преку дела на милосрдност. Слично на тоа, во будизмот благодарноста е состојба на умот што ги ослободува луѓето од алчноста и од  себичноста, води кон просветление.

Разумот како основа на благодарноста

Благодарноста не е само инстинктивна реакција, туку и плод на рационална анализа. Таа се појавува кога човекот ја согледува сопствената ограниченост и ја разбира меѓусебната зависност со другите.  Блаже Конески вели: „Човекот е длабоко врзан со земјата и времето, и токму во тој вез на припадност лежи благодарноста.“

Разумот ја открива благодарноста како начин за одржување на рамнотежата меѓу давањето и примањето. Во едно општество што тежнее кон индивидуализам, благодарноста ги потсетува луѓето на колективната сила и на заемната поддршка.

Поетски рефлекси на благодарноста

Лорка во својата поезија, благодарноста ја претставува како танц на светлината и сенката. Во песната Прочуената песна за животот, тој вели: „Благодарноста е дишење на душата, полнење на тишината со смисла.“ Неговите стихови потсетуваат дека благодарноста не е само збор или чин, туку и начин на постоење што го слави животот во сите негови облици.

Ехо на вечната благодарност

Благодарноста е повеќе од чувство – таа е избор што ги овоплотува етиката, филозофијата, религијата и разумот во еден „универзум“. Таа е мост меѓу поединечното и универзалното, база на хармоничното општество.

Во светот кадешто брзината и себичноста доминираат, благодарноста останува како тивка револуција, како ехо на вечноста што потсетува на убавината на животот и на бескрајниот потенцијал за љубов и разбирање. Да се биде благодарен значи да се биде свесен за даровите на постоењето и да се одговара со отворено срце и разум.

Затоа, да бидеме свесни за себе и за можноста да бидеме благодарни. На тој начин ќе можеме да видиме дека во трновитиот џбун има рози, а не дека во розите има трње. Како универзално човеково искуство, благодарноста нека биде спонтан израз на милост кон розата во која никнал некој трн, но тој не ја намалува нејзината убавина и нејзиниот потенцијал од латиците да направи опоен мирис.

 

 Пишува  м-р професор Даниела Петровска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани