2win800x200

Ученик кој слуша наставник, има домашно воспитание и елементарна култура ќе биде успешен (пишува Александар Адамовски)

Септември 16, 2025
(пишува Александар Адамовски) (пишува Александар Адамовски)

Многупати сум повторувал и повторно ќе потсетам дека оној ученик кој е одговорен кон себе, кон фамилијата, кон школото, па и кон сите останати со кои контактира, односно кој има домашно воспитание и елементарна култура, ќе биде за пример. Обично денес, ретки се послушните деца кои од дома научиле дека треба да ги слушаат своите наставници и да ги почитуваат задолженијата што ќе ги добијат. Само ученик кој слуша и почитува наставник, без дилеми ќе биде напреден и успешен.

 

Во образовната сфера, сведоци сме на различни карактери и однесувања кај децата. Таа перцепција за наставници кои работат долго во образование веќе е научена лекција, а се учи и повторува во континуитет како што се менуваат генерациите. Како што секој од нас не може и не треба да биде ист, така и кај децата воспитно-образовната компонента е различна. Во училиштата потребно е повеќе да дојде до израз советодавната педагошко-воспитна соработка (ученици-наставници-родители-стручни соработници). Мислам дека тоа ќе донесе резултати. Кога навистина е потребна помош, треба да се даде. Свесни сме дека не можеме да смениме однесување, карактер, навики, но, барем трпеливо да влијаеме низ разговор и насоки со кои ќе помогнеме барем нешто да се смени во личноста на детето.

Напреден свет, модернизиран, технолошка зависност која што зависи само од личната свест, затоа што за неа учебник не постои, најново имаме и воведување на вештачка интелигенција. Се прашувам уште колку ќе го „деформираме“ и така модернизираниот свет. Тука не мислам само на младите, ами на сите без исклучок. Мобилниот телефон и компјутерот станаа како леб и вода, без кои не се може. Тој модерен тренд на опстанок секако дека ќе продолжи, но треба да бидеме свесни и да се контролираме колку треба да го прифаќаме и со кои последици ќе се соочиме во иднина. Чисто, само сакам да направам една кратка ретроспекција, некогаш и денес и да посочам дека не треба да се брза, ами секогаш да се преиспитуваме пред било кои одлуки да стоиме. Еднаш сторената грешка, тешко се поправа, затоа со ум! Во тек сме со новата учебна година, со образовните реформи кои се случуваат и ќе продолжат, значи се работи според насоки кои се даваат од МОН, па и од БРО.

Секој наставник / професор е менаџер на часот и како ќе работи со учениците тоа е негово лично загарантирано право (секако, со почит за искусните просветари во настава и за новите вработени кои треба многу да учат и да прашуваат, односно да се интересираат, советуваат итн. за нивен кариерен напредок). Погоре посочив дека сите ученици имаат различни барања, интереси, дарби, односно во секое дете е вграден некаков талент кој го прави среќен и насочен е на него, а нашата обврска како наставници е да го откриеме тоа и секако да се трудиме колку што можеме да излегуваме во пресрет на барањата... Не може секој подеднакво да слуша и да извршува задолженија кои што треба да се сработат, но затоа ќе мора да се најде средина за да бидат двете страни задоволни. Не му давајте на ученикот да пишува премногу, ако го бидува да црта, или обратно, нека испее песна на часот, барем да се испочитува тоа за што го бидува.

Не случајно се вели: секој се пронаоѓа, таму каде што вистински припаѓа. Школската година е пред нас, па ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Повторувам: во секое дете постои дар, дури и кога ќе го чуете да рече: „ништо не ми се прави“ или „не ми се учи“ или „не ми се седи на школо“. Би рекол, не е вистина тоа. Погледнете го во очи додека зборува, па ако сте добар педагог лесно ќе „прочитате“ што сака да каже. Настрана со разговор, се решаваат многу проблеми, меѓутоа смирено, внимателно, трпеливо. Имаме наставни предмети со еден час неделно, со два, три, четири и пет часа, па според програмата за работа се задаваат и задолженија за учениците кои не треба да бидат преобемни, затоа што ако учениците во неделата имаат три пати по седум часа, тоа е замор за нив и без интерес ќе пристапат на барањата кои им ги даваме.

Да постои баланс кој ќе вроди со успех.

Не е решение ако се каже: ништо не го / ги интересира. До нас е, како ние како наставници ќе мотивираме и дадеме волја за учење и соработка, така ќе ни биде возвратено. Затоа, треба да се трудиме на најдобар начин да ги направиме часовите да бидат креативни и интересни, а не, одбивни, или уште полошо – хаос и пазар.

Континуирана соработка на ученикот со наставникот, дури и кога му е потребна дополнителна или додатна настава, разговор, совет, објаснување и најважно – разбирање, се клучните компоненти на напредок и постигнување на успешни резултати. Понекогаш тоа оди потешко, но може да се постигне, зависно од ентузијазмот и принципиелноста на претпоставениот на часот. Драги ученици, тврдам дека сите може да чекорите напред, кој побавно, кој побрзо, имајќи ги во предвид и годините и возраста во која што сте, сепак ви порачувам да црпите знаења и вештини на училиште, затоа што на тој начин покажувате колку писмено растете, зреете, се цивилизирате. Секој наставник ќе ви помогне колку што умее, само треба да сакате и да имате желба да откривате, дознавате, да се интересирате и да напредувате во иднина. Сами да се трудите и да се искачувате по скалилата на успесите, оти само така кога ќе стигнете на врвот, поинаку ќе ги гледате работите во животот. Животот е како челик и секојдневно се кали. Среќно!

Пишува: професор Александар Адамовски

 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите) 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани