2win800x200

Анализа - Зошто Пеце Матевски го избрал „РУД КОП“ да копа јаловина во РЕК Битола, а зошто го елиминирал „Гранит“ Скопје

Мај 15, 2026
пеце матевски судење - фото А.Блажевска пеце матевски судење - фото А.Блажевска

Внимание во јавноста привлече извештајот на АПЛА од судењето на Пеце Матевски екс директор на РЕК Битола, шестмина вработени во комбинатот и три службенички од Бирото за јавни набавки во Скопје, обвинети за повеќе кривични дела поврзани со Злупотреба на службената положба и Несoвесно работење во службата. Според доказниот материјал во овој судски случај, АПЛА анализира околу постапката на РЕК Битола во 2022 година да ја избере фирмата „РУТ КОП“ Битола, а да ја елиминира „Гранит“ Скопје за ископ на јаловина, односно што се барало на јавната набавка.  

Најпрво, покренувањето на овој судски процес против десет лица е поттикнат по објавување на ревизорскиот извештај на Државниот завод за Ревизија кој по извршена ревизија на законитоста во спровдување на јавните набавки во РЕК Битола во 2022 година, утврдува незаконитост во исфрлањето на понудата на „Гранит“ Скопје од наведени причини. Врз основа на доставениот извештај од ДЗР и спроведената предистрага од страна на Управата за финансиска полиција во координација со ОЈО Битола, е поденесно и обвинение против Пеце Матевски членовите на двете комисии во РЕК Битола и трите службенички во Бирото за јавни набавки. 

Главните прашања на обвинителството се дали поранешниот директор на РЕК Битола, Пеце Матевски и надлежните комисии во комбинатот законски го спровеле тендерот за ископ на јаловина во 2022 година? Дали е законски изборот на фирмата „РУТ КОП“ Битола, односно дали законски го елиминиралe „Гранит“ Скопје да не учествува на електронската аукција?

„РУД КОП“ Битола го доби тендерот за цена од 2595 денари за м3, (постигната после електронската аукција каде конкурент му беше само „Марковски Компани Борче“ Битола), додека „Гранит“ Скопје имал првична понуда од 2040 денари за м3.

По предлог на ОЈО Битола за овој случај на „РУД КОП“ Битола му се замрзнати 178.370.319 денари (3,5 милиони евра), пари кои се префрлени на сметката на „РУД КОП“ по основ на извршените услуги од тендерот, а пресметани од разликата во цените, доколку „Гранит“ Скопје би го добил тендерот за ископаните количини, а кој износ РЕК Битола би го „заштедил“ доколку не била отфрлена понудата на „Гранит“ Скопје, смета ОЈО.

Покрај Матевски обвинети од РЕК Битола се: Димитар Петковски, Благојче Ѓорѓиевски, Тони Ангелевски членови на Стручната комисија. Снежана Макаријоска, Анита Кузевска и Љупчо Стефановски членови на Комисијата за јавни набавки.  Со обвинението се опфатени и Александра Маџевска Сараќинчева, Аземина Учкан и Добрила Јордановска сите три од Бирото за јавни набавки во Скопје.

РЕК Битола во 2022 година објавил оглас за јавна набавка на која се јавиле четири оператори: „Марковски компани Борче“ ДООЕЛ увоз-извоз Битола, „Гранит“ АД Скопје, „РУД КОП“ увоз-извоз ДООЕЛ Битола и „Топлина“ увоз-извоз ДООЕЛ с. Подмолје Охрид.

Стручната комисија при РЕК Битола (Димитар Петковски, Благојче Ѓорѓиевски, Тони Ангелевски) ја отфрла понудата на „Гранит“ Скопје иако доставил потврди од „Синохидро“ за ископани јаловински маси во бараните количини од 4.000.000 м3 за три години. Образложението на Стручната комисија е дека работите на автопатот Кичево-Охрид не биле се уште завршени, па доставените потврди не биле доказ за позитивна референца. По ова во игра остануваат „Марковски компани Борче“ и „РУТ КОП“, по што „РУТ КОП“ го добива тенедерот вреден 600 милиони денари или 708 милиони денари со ДДВ. Меѓутоа иако фирмата „Топлина“ Охрид дала исти докази за ископани јаловински маси при работа на автопатот Кичево-Охрид, Стручната комисија не ја исклучува од тендерот по тој основ.  Елиминиран е само „Гранит“ Скопје.  

 

Според доказите на Јавниот оглас се барало доказ за „извршени услуги“.

На јавниот оглас се барало –„Листа на главни извршени услуги кои се извршени во последните три години со вредности, датуми, купувачи, со обезбедување на потврди за извршени услуги издадени од примателите со реализирани ископани количини во м3 за истите.“

Всушност и во Службен весник во огласот за Јавна набавка на АД ЕСМ (бр.11935/22) пишува: „Економскиот оператор да има извршено услуги за ископ на минимум 4.000.000 м3 јаловински маси кумулативно за последните три години“.

И во самата одлука за јавна набавка од 15 јули 2022 година, потпишана од директорот Пеце Матевски јасно стои дека е „јавна набавка на услуга – рамковна спогодба со еден економски оператор за ископ на инвестициска откривка во Рудник Брод-Гнеотино. Набавката не е делива во делови...услугата е од ист вид за иста намена“.

 

 

78311669 bf59 4ed0 8ba2 7b53d5b0851a

фото А.Блажевска - судење 

 

На 29 август 2022 година кога комбинатот носи одлука да го избере „РУД КОП“ Битола за изведувач на работите, во одлуката потпишана од Пеце Матевски стои дека изборот на „РУТ КОП“ Битола се извршил согласно критериумот –„економски најповолна понуда врз основа на цената“, додека „Марковски компани Борче“ Битола доставил понуда со повисока вредност.

 

Во истиот документ подолу пишува дека понудата на „Гранит“ Скопје за техничката или професионална способност е „неприфатлива и се отфарла за понатамошна евалуација. Понудувачот ‘Гранит’ Скопје има доставено документ за извршено услуги за ископ на минимум 4.000.000 м3 јаловински маси кумулативно за последните три години, но работите на автопатот Кичево -Охрид ...не се се уште завршени. Според тоа нема ископано минимум 4.000.000 м3 јаловински маси.“

 

„Топлина“ Охрид иако доставува како фирма потврди дека од 2020 до 2022 работела на автопатот Кичево-Охрид и во рамките на тоа работење ги има ископано количините што се бараат во тендерот, во одлуката за избор на најповолна понуда стои дека понудата на „Топлина“ се отфрла од натамошна евалуација поради немање на некои ISO стандарди и воопшто не се споменуваат овие потврди кои во однос на „Топлина“ се земени како веродостоен доказ.

Обвинетите (Петковски, Ѓорѓиевски и Ангелевски), со овластување да извршат евалуација на понудите од аспект на професионалната способност, професионално-техничката способност и техничката понуда, ја извршиле евалуацијата на доставените понуди на економските оператори „Марковски компани Борче“, „Гранит“, „РУД КОП“ и „Топлина“ Охрид, доставени по Оглас за јавна набавка, спротивно на начелата на економичност, конкуренција и еднаков третман и недискриминација, се вели во обвинението. Доставиле техничко мислење во август 2022 година во кое не ги прифатиле потврдите за извршен ископ на земјени работи доставени од „Гранит“ како доказ за исполнување на условот на тендерот.

Во записникот од рочиштето одржано на 17 април годинава, вештото лице од областа на градежништвото ангажирано од обвинетите, Влатко Масалковски, на прашање на јавниот обвинител околу документите на „Гранит“ Скопје поврзани со ископ на минимум  4.000.000 м3 јаловински маси на автопатот Кичино-Охрид...„дали потврдите се лажни односно дали во нив се наведени ископани количини кои не се реално ископани“, вештакот Масалковски одговара:

„Не сум на мислење дека поставените потврди се лажни, ниту истото можам да го утврдам, но за првите две позиции јавната набавка не е завршена што ме наведува на мислење дека се работите во тек...“ вели вештакот и продолжува со одговор во однос на количините што ги доставил како доказ „Гранит“ Скопје.

„Колку што сум упатен двете споменати потврди за јавни набавки каде изведувач е ‘Синохидро’, ‘Гранит’ Скопје вршел градежни работи и услуги кон примателот на услугата „Синохидро“ јавната набавка каде ги вршел тие услуги не е делива“, наведува Масалковски.

 

Всушност, добро е познато дека кинеската компанија „Синохидро“ за изградба на автопатиштата во Македонија, вклучувајќи го автопатот Кичево-Охрид, не беше избрана преку класична тендерска постапка за јавна набавка, туку преку директен договор помеѓу владата и кинескиот партнер, базиран на посебен меѓудржавен договор.

 

Накрај по исфрлањето на „Гранит“ од јавната набавка, на фирмата „РУД КОП“ му е исплатен износ од 849.577.984 денари за извршениот ископ на јаловина во РЕК „Битола“ (иако исплатениот износ врз основа на цените понудени од „Гранит“ за истата количина би бил 671.207.665 денари, што е разлика од 178.370.319 денари), наведува ОЈО.

Токму овој износ според ОЈО Битола е определен како износ на штета за РЕК Битола односно незаконита имотна корист за „РУД КОП“ Битола чии сопственик е бизнисменот Кирил Билјановски. ОЈО Битола бара конфискација на тој износ од фирмата на Билјановски, износ кој во моментот е привремено замрзнат.

 

Текст и фото Анета Блажевска  

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани