
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Од клупите на Битолската гимназија „Јосип Броз Тито“ излегоа врвни ликовни уметници значајни за македонската ликовна и културна сцена. Синоќа во битолската „Магаза“ по повод големиот јубилеј, 80 години настава на современ македонски јазик беше поставена изложба од врвни, признати и познати ликовни уметници во државата, поранешни ученици и поранешни професори во Гимназија. Изложбата е насловена „Историски осврт на автори и уметници кои предавале или учеле во Гимназијата“.
Публиката можеше да види дела од уметникот Тоде Ивановски (1924-2005), сликар на мотиви од НОБ, кој две години се школувал во Гимназијата, но поради прогресивни национални идеи предизвикал недоразбирање со своите професори и заминал во партизани.
Врвниот уметник Борислав Траиковски (1917-1996), исто така бил ученик во Битолската гимназија до 1937 година, кога негови професори по предметот уметност биле Виктор Сољаник-Краса и Драгутин Спасиќ. Симеон Силјановски (1942) е познат македонски уметник , ученик на Гимназијата чии талент го забележува професорот Пецо Видимче, исто така познат и признат ликовен уметник со врвни уметнички дела, па Силјановски поттикнат, продолжил да се школува на Ликовната академија во Белград. Меѓу познатите ликовни творци, професори во Гимназијата се издвојува и Зекман Ракиповски - Зеко (1957-2020). Уметницата Јована Тодороска (2001) од Охрид е исто така ученик во Гимназијата со реализирани дваесетина групни изложи и самостојна изложба во Загреб. А меѓу познатите уметници, ученици на Гимназијата е и Николче Српчански, иконописец и сликар, конзерватор и реставратор.
„Во Гимназијата, сиве овие години, поминале, некои како наставен кадар, а некои како ученици голем број познати ликовни автори кои оставиле свој печат во македонската ликовна уметност и на меѓународната ликовна сцена. Основната идеја за оваа изложба беше за да се направи документирање на ликовните уметници кои биле дел од наставниот процес и историјата на гимназијата. Опфатен е делот од повоената генерација, современи автори и автори од помладата генерација. Автори кои извршиле значајно влијание врз развојот на ликовната уметност во првите децении на 20 век“, рече професорот по ликовна уметност Александар М. Поповски, ликовен уметник.
Професорот по ликовна уметност и ликовен уметник, Димче Солаковски вели дека во процесот на образование во Битолската гимназија се создаваат личност кои имаат свест за сопствената култура, за уметноста како потреба на животот а не како луксуз или нешто што е далеку од нив.
„Јас сум дипломиран ликовен уметник и знаењето што ми се всади во Гимназијата ми даде цврсти теоретски темели за да работам и да творам како уметник. Уметниците без многу очекувања се вложувале во културата на оваа земја. Ние ги живееме тие придобивки на таа култура. За среќа и оваа година имаме ученици од гимназијата кои се заинтересирани да го продолжат школувањето на факултетите за ликовна уметност“, изјави Солаковски.
А. Блажевска