
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Интегрална изјава на директорката на Државното музичко училиште во Битола Марија Шамоска-Буџаковски околу пристигнатите иницијативи за именување на Државното музичко училиште во Битола.
Оваа година се слави 100 години од раѓањето на композиторот Кирил Македонски, па по тој повод, изминатиов период до нашето училиште пристигнаа неколку иницијативи за именување на Државно музичко училиште - Битола и писма за поддршка на истите. Иницијативи пристигнаа од неговата ќерка д-р Пламенка Македонска како претставник на семејството на Кирил Македонски, и од НУ Завод и Музеј Битола, каде наскоро се отвора спомен соба во чест за овој музички великан.
![]()
Марија Шамоска-Буџаковски
Поддршки за оваа иницијатива стигнаа и од Македонска Опера и балет, НУ Народен театар Битола каде во 60-тите години композиторот остварил повеќе музички соработки, НУ Завод и музеј Битола каде се чува легатот на композиторот, Државен Архив на РСМ, одделение Битола каде се чуваат архиви за уметникот, Ректорот на УКЛО, НУ Центар за култура - Битола, како и писмо за поддршка од негови бивши ученици - истакнати музички уметници. Веднаш после добивањето на оваа иницијатива, стигна и иницијатива за именување на училиштето по композиторот Михајло Николовски - Ѓумар, исто така значаен музички уметник.
Иницијативата стигна од неговиот син Вања Николовски - Ѓумар.
Имено, и во минатото имало иницијативи за именување на училиштето по овој композитор и долгогодишен директор на ДМУ, како и по други музички легенди, но тие досега не наишле на успех.
Како директор на ова училиште, сакам да истакнам дека убаво е училиштето конечно да се именува и досегашното име Државно музичко училиште -Битола, да се преименува со име на личност која со својата големина би му дала сопствен идендтитет. Од денот на формирањето на оваа музичка школа во 1947, кога во едни тешки услови темелите ги поставиле седум наставници под раководство на Петровски Велко-Паскали, па се до моментов, ние сме единствена образовна институција за основно и средно образование која не е именувана.
![]()
И двата композитори имаат свои заслуги, Михајло Николовски-Ѓумар - како иницијатор за Средното музичко училиште во Битола и познат композитор, Кирил Македонски кој кратко бил директор на нашето училиште, но е композитор со огромно музичко творештво и е од големо значење за Битола но и од национално значење за Македонија, познат и признат во светски рамки, кој што според музиколози и современици на Македонски - она што е Моцарт за Австрија, Бетовен за Германија, тоа е Кирил Македонски за Македонија.
Како и да е, за нас како Државно училиште каде се школуваат ученици од различни делови на нашата држава, училиште чии ученици освен на факултетите во Македонија, се школуваат во светски музички центри - заслужуваме звучно и големо име.
Би сакала да потенцирам дека може да има секакви поддршки и иницијативи околу именувањето на училиштето, но уште подобро би било доколку сме вака "гласни" и околу прашањето со греењето и условите за настава кои што генерации на директори не успеале да ги решат. Во изминатив период откако сум јас директор, се работи со полна пареа. Правиме усилени напори за училиштето и нашите бројни ученици и наставници - да им овозможиме подобри услови за учење и работа со реновирање и решавање на клучни проблеми.
![]()
![]()
Имено, кога сме веќе кај тоа што сега се работи, сакам да информирам дека во оваа измината година, целосно ја реконструиравме водоводната и канализационата мрежа и партерно го уредивме дворното место на Музичкото училиште, го саниравме кровниот дел на училиштето, кој веќе со години не беше реконструиран, набавивме нови инструменти, нова ИКТ опрема, успеавме да ги отстраниме старите и непотребни отпадни материјали од училиштето, постојано организираме масовни концерти, мастеркласи со врвни музичари, и бројни настани кои што наидуваат на огромно задоволство кај учениците, нивните родители и публиката, реализиравме проекти, склучивме многу Меморандуми за соработка со еминентни институции, со нетрпение во понеделник го чекаме концертот кој ќе го направиме во Корча, Р.Албанија со што се " отвараме" и за интернационална соработка, остваруваме посети на Мак.Филхармонија и Македонска Опера и Балет, со засилено темпо чекориме напред во тренд со светските музички тенденции отворајќи нов музички профил за Традициски играч-пејач, станавме дел од Еразмус семејството и за крај, огромна среќа и задоволство е што Министерката Весна Јаневска на моја иницијатива, во корелација со МОН, не стави како приоритет за наскоро Државното музичко училиште да добие целосна реконструкција. Сметам дека токму тоа би била вест која навистина го заслужува целосното внимание во етерот на социјалните медиуми.
![]()
![]()
