
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Државното музичко училиште во Битола да се именува: Михајло Николовски-Ѓумар по човекот koj ги постави темелите и ја основа оваа значајна образовна установа во градот.
Со ваква поддршка на социјалната мрежа Фејсбук деновиве излегоа еминентни музички работници од Битола, професори, поранешни директори на Државното музичко училиште, музичари од градот и државата, граѓани на Битола.
Најголемо внимание привлекува објавата на професорката Гордана Трајковска која е со над три децении работен стаж како професор по солфеж во Дражавното музичко училиште во Битола.
Трајковска пишува дека во моментот се наметнува идејата Државното музичко училиште да го носи името Кирил Македонски.
Но, таа е категорична - ако веќе се именува Државното музичко училиште, тогаш да го носи името на човекот кој ги постави темелите на музичкото училиште, а тоа е името на Михајло Николовски-Ѓумар, роден битолчанец, познат и признат македонски композитор.
„Во моментот во нашето музичко училиште се случува нешто што длабоко нè погодува – се наметнува идејата училиштето да го носи името Кирил Македонски. Но, вистината е дека токму Михајло Николовски-Ѓумар е човекот кој го изгради, обликува и му даде идентитет на нашето училиште.
Тој беше визионер, педагог и човек кој живееше за музиката и за младите.
Жално е што дел од најмладите колеги денес не ја знаат историјата и не го познаваат човекот кој ги постави темелите на ова училиште. Наместо да учиме од традицијата и од вистинските вредности, се соочуваме со одлуки кои се носат одозгора, без почит кон континуитетот и вистинските заслуги. Ние не бараме ништо повеќе од правда и признание за оној кој го заслужува тоа – Михајло Николовски. Се надевам дека разумот и почитта кон вистинските вредности ќе надвладеат.“, пишува професорката Трајковска.

Под нејзината објава коментира и поранешната директорка на училиштето Кети Велковска, професорка по солфеж, која пак појаснува дека уште пред 8 години, Државното музичко училиште се обратило до Министерството за образование, училиштето да го носи името на Михајло Николовски, од тогаш нема одговор.
„Последно писмо до Министерството за образование е испратено во 2017 година лично од мене како в.д директор и целиот колектив на Државното музичко училиште со барање нашето училиште да се именува на почитуваниот професор Михајло Николовски, со образложение зошто треба неспорно да добиеме согласност за таа наша одлука, но за жал никогаш не добивме никаков одговор. Иако сум веќе во пензија давам силна поддршка на оваа иницијатива. И на крај ќе кажам партиите надвор од уметноста и образованието. Оставете компетентни личности да одлучуваат.“, коментира Велковска.

И професорот во пензија Василчо Пецаковски, поранешен директор на Државното музичко училиште е со истиот став.
„Никогаш не пишувам на социјалните мрежи, но овој пат почувствував потреба да напишам неколку збора како поддршка за именувањето на музичкото училиште.
Во музичкото училиште сум од 1975 година па до моето пензионирање како професор и директор во еден мандат. За проф. Михајло Николовски уште како ученик слушав од постарите ученици и од профеорите, и неговите заслуги за тоа што во Битола имаме средно музичко училиште. Како професор го запознав на ФМУ Скопје. Бев воодушевен од тоа со која енергија и љубов зборува за нашето музичко училиште и во секоја прилика знаеше да ги поддржува студентите од Битола, секогаш знаеше што се случува во училиштето и кога требаше да се помогне тоа го правеше со голем жар. Имав чувство дека овој човек после 12 години формирање и раководење со училиштето никогаш не го напуштил.
Ако Државното музичко училиште треба да биде именувано според човек кој го заслужува тоа, тогаш тоа е маестро Михајло Николовски кој за уметничката музика и музичката педагогија има огромни заслуги не само за ДМУ Битола, за градот Битола туку и за Македонија.“, пишува Пецаковски.

Коментари на објавата на професорката Трајковска со целосна поддршка оставаат и помалиот син на Михајло Николовски, Вања Николовски-Ѓумар, неговата внука Мила Николовска, поддршка дава и битолчанката Калиопи Пили, сопруга на долгогодишниот директор на музичкото училиште Јонче Кузев.

Поддрша искажува и пијанистката со битолско потекло Марија Вршкова, како и долгогодишната новинарка и поранешна директорка на МОБ, Тина Иванова која пишува: „Школото треба да го носи името Михајло Николовски. Јас напишав монографија за него со наслов ‘Михајло Николовски - нашиот Папа Франк’, и во неа може да се прочита за неговата неспорна заложба на секое поле во музичката култура.“


Автор Анета Блажевска
