
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Граѓани на Битола и вечерва излегоа на мирен протест против изградба на регионална депонија на територијата на Општина Новаци. На протестот што започна пред зградата на Општина Битола, насобраните граѓани се изјаснија против изградба на регионална депонија, во близина на Битола. Бараат надлежните да најдат друга локација за планираната депонија бидејќи не веруваат дека институциите имаат капацитет да ја одржуваат по европски стандарди и да гарантираат дека депонија нема да загадува. За Битолчани е спорно и тоа што на депонијата кај Новаци смет ќе одлагаат 18 општини од Југозападниот регион. Граѓаните најавија дека следниот протест ќе повикаат претставници од локалната власт.
-Треба да има депонија, ѓубрето некаде да се фрла, но да биде надвор од населено место и од плодно земјиште, рече Зоран Лазаровски - Паљото
Битолчани мирно маршираа од пред Општина Битола, преку Широк Сокак до Офицерскиот дом
Советниците од Советот на Општина Битола бараат нова локација за депонијата.
Од Министерството за животна средина тврдат дека ја разбираат скепсата, и најавија дека веќе во април екипи на МЖСПП, составени од стручни лица ќе одат на терен, меѓу населението на Пелагонискиот и Југозападен регион, за да ја објаснат потребата од изградба на регионална депонија.
„Досега не е воспоставен целосен регионален систем за управување со отпад (во сите региони е во почетна фаза, т.е. нема сеуште регионална депонија која е оперативна). Доколку не се воспостави, нема да може да се покажат и бенефициите за граѓаните од ваквиот пристап. МЖСПП, иако има веќе одржано неколку јавни расправи, има план на за одржување на поинтензивни јавни расправи за граѓаните, со сите инволвирани стручни лица на проектот со цел да ја објасни состојбата и да помогне во намалување на скептичноста кај граѓаните. Истите се планира да се одржуваат во тек на месец април 2025 година“, се вели во дописот од Министерството.