2win800x200

Нова апликација за следење на моменталната состојба на автобуските линии

Март 27, 2025

ПРОМОВИРАНА АПЛИКАЦИЈАТА ЗА СЛЕДЕЊЕ НА МОМЕНТАЛНАТА СОСТОЈБА НА АВТОБУСКИТЕ ЛИНИИ

 
Граѓаните на општина Битола и сите посетители на општината, од денес имаат можност за следење на моменталната состојба на автобусите на линиите кои ги одржуваат, преку апликацијата „Bitola City Bus“. Оваа апликација е донација на Општина Битола од Ротари клуб Битола, во вредност од 1.500.000 денари за „Зелена Битола“. Проектот, за кој општината покажа голем интерес, вклучи: набавка и инсталација на 14GPS уреди во автобусите на општинскиот линиски превоз, изработка на апликација за мобилни телефони (Android и iOS) „Bitola City Bus“, веб страна и веб домејн bitolacitybus.mk, печатена сигналитика (во форма на мал постер или ознака) на примарните автобуски постојки за постоење на апликациите и вебсајтот, хостирање на апликациите во облак и одржување на мрежно поврзување на GPS уредите (мобилен интернет), 14 SIM картички и тековно одржување на техничкото решение.
 
„Низ проектот „За ЗЕЛЕНА БИТОЛА“ придонесуваме во креирање на чиста и зелена Битола и подобрување на целокупниот квалитет на животната средина во градот. Промовираме и поддржуваме одржливи практики и вклучување на заедницата. Демонстрираме водство во сферата на екологијата. Покренуваме иницијатива за поттикнување на користењето на јавниот градски превоз, оставање на возилата и делување за почист воздух, здрава средина и зелена Битола“, рече на денешниот настан за промоција на апликацијата, Проф Д-р Јасмина Буневска од Ротари клуб Битола.
 
Претседателот на Ротари Клуб Битола, Пеце Ѓаковски, во своето обраќање стави акцент на значајните проекти на Ротари Клуб Битола и одбележувањето на 90 годишнината од формирањето на клубот. 
Професор д-р Никола Крстаноски, експерт за одржливи урбани системи, говореше на тема: „Атрактивен јавен градски превоз како клучен елемент на политиката на одржлива урбана мобилност“.
Професор д-р Илија Јолевски од Факултетот за информатички и комуникациски технологии Битола и носител на активностите за проектот како член на Ротари клуб Битола, ја презентираше апликацијата „Bitola City Bus“, пред присутните на денешиот настан.
 
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, нагласи дека општината со задоволство ја прифати оваа иницијатива од Ротари клуб Битола, која денес овозможува конкретна услуга од која граѓаните треба да имаат значаен бенефит.
 
„Сакам да изразам огромна благодарност до Ротари клуб Битола за оваа донација, која верувам ќе помогне прво за подобрување на услугата на јавниот градски превоз, но и за привлекување на граѓаните да ги остават возилата и да користат јавниот превоз. Морам да напоменам дека ова е уште една дигитална алатка која треба да го олесни секојдневното функционирање, покрај она што веќе го воведовме изминатиот период, но и она што ќе следува наскоро, а тоа е електронското аплицирање за субвенции, кое ќе ги замени големите редици пред општинските шалтери. Верувам, дека на овој начин, со заедничка соработка, можеме да постигнеме многу повеќе и подобри резултати за Битола, во сите области“, рече градоначалникот Коњановски, нагласувајќи дека општината и во иднина ќе ја продолжи соработката со Ротари клуб Битола, но и со сите останати субјекти, кои сакаат да дадат придонес за подобри услови во заедницата.
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани