На 7 мај 2025 година, во Скопје, се одржа завршната работилница "Зајакнување на училиштата за демократско образование - постигнувања и резултати", во рамките на проектот "Квалитетно образование за сите", кој се реализираше со поддршка на Европската Унија, Советот на Европа и МОН, а финансиран од СР Германија. СОУ "Таки Даскало", беше избрано меѓу 25-те пилот-училишта од Македонија. Проектот, кој траеше две и пол години, го реализира проектниот тим, составен од директорот Ристо Грујовски, Марија Младеновска-Димитровска, психолог и проектен координатор, Милица Димитријовска-Радевска наставник по македонски јазик и литература, Жанета Сиваков, наставник по градежни стручни предмети, Мирјана Гичевска психолог, Валентина Богојовска наставник по англиски јазик, ученици, родители и претставници од деловната заедница.
Во рамките на проектот се реализираат 5 модули обуки, менторски средби, истражување за испитување на ставовите кај учениците, наставниците и родителите за контроверзни прашања и табу-теми, работилници, дисеминација за зајакнување на демократските вредности кај учениците и наставниците во училиштата.
Училиштето на завршната работилница, на која присуствуваше министерката за образование и наука, Весна Јаневска, претставници од Советот на Европа и Германската амбасада, ги претстави активностите кои во изминатиот период ги реализираа проектниот тим, во соработка со сите струки и гимназиското образование, а беше изработено и промотивно видео за училиштето.
- Целта на проектот, во кој нашето училиште беше избрано меѓу 25-те пилот училишта од Македонија, е зајакнување на демократските процеси и капацитети на учениците и наставниците, развивање на демократската култура и вредности во училиштата, градење на вредности на толеранција, разбирање, инклузивност, почитување на различностите, стекнување вештини кај учениците за важноста на почитувањето на човековите права и обврски и создавање на позитивни искуства за меѓусебно разбирање и зајакнување на демократските процеси во образованието, како основа за градење на демократскиот систем и институциите во државата - истакна Марија Младеновска-Димитровска, психолог и координатор на проектот.