ИНСТИТУЦИИТЕ МОРА ДА ПОСТАПУВААТ СОГЛАСНО ЗАКОНИТЕ - ПРИВРЕМЕНА СУСПЕНЗИЈА НА ВРАБОТЕНО ЛИЦЕ ВО ОПШТИНСКАТА АДМИНИСТРАЦИЈА НА ПОЗИЦИЈА РАКОВОДИТЕЛ НА СЕКТОР
Почитувани,
Како градоначалник на Општина Битола, многу пати досега јавно сум истакнал дека почитувањето на законските регулативи и принципите на транспарентност и одговорност се темел на работењето на локалната самоуправа. Тој став не е само декларативен, туку доследно се применува и во конкретни случаи.
Во тој контекст, ја информирам јавноста дека против едно административно лице, вработено во општинската администрација на работна позиција Раководител на сектор, е поднесена кривична пријава од страна на надлежни институции.
Во согласност со важечките прописи и внатрешните процедури, донесена е одлука за привремена суспензија на лицето од работното место, додека трае постапката.
Оваа мерка е преземена со цел да се обезбеди непречено одвивање на институционалните процеси и да се зачува интегритетот на општинската администрација, односно неговото натамошно присуство во институцијата, додека трае постапката, штетно ќе се одрази врз институцијата, со што ќе го оневозможи утврдувањето на одговорноста.
Суспензијата е административна постапка додека трае процесот пред надлежните органи, со цел да се обезбеди транспарентност и непристрасност во работењето.
Општина Битола и понатаму ќе делува согласно законите, без исклучоци и без селективност и останува целосно посветена на почитување на законитоста, транспарентно работење и соработка со сите надлежни институции во интерес на граѓаните.
Правда мора да има, само преку доследна примена на законите и одговорност во работењето.