2win800x200

ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА ДЕНОТ НА МАКЕДОНСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ ВО БИТОЛА

Мај 20, 2025
На 20 Мај, ТППЕ Битола со голема гордост го одбележува Денот на македонските пожарникари. Овој ден е посветен на храбрите луѓе кои несебично се борат за спас на човечки животи и имот, а за Битола, има посебно значење, бидејќи токму тука се наоѓа најстарата противпожарна единица во Македонија и една од најстарите на целиот Балкан, формирана уште во далечната 1836 година со повелба на Румелискиот Валија.
Годинешното одбележување започна со положување на свежо цвеќе пред спомен плочата на територијалната противпожарна единица во Битола, од страна на градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, претставниците на Советот на општината, како и градоначалниците на општините Могила и Новаци, Драганчо Саботковски и Стевче Стевановски.
Градоначалникот Коњановски, честитајќи го Денот на пожарникарството, им се заблагодари на пожарникарите, за нивната посветеност и истрајност, постапувајќи во секој момент на висина на задачата:
„Територијалната противпожарна единица на Битола претставува симбол на пожртвуваност, истрајност и професионализам. Генерации пожарникари од овој град ја граделе и одржувале оваа служба, која денес претставува пример за организираност и постојана подготвеност, при противпожарно делување во сите интервенции за заштита на животот и зачувување на безбедноста на населението и материјалните добра, при пожари и други непогоди.
Традицијата се продолжува и одржува и би сакал да искажам искрена благодарност до целата единица, до оние кои ја раководат, како и до оние кои се пензионираа. Како локална самоуправа продолжуваме понатаму. Општина Битола гради нова противпожарна зграда во АРМ. Првата фаза е завршена, во втората фаза ќе биде извршено финалното доопремување, за што ќе ја имаме поддршката и од Министерството за одбрана на САД, за што наскоро очекуваме потпишување на Договор за грант и опремување на противпожарната зграда.
Голема благодарност до сите кои дале придонес во одржувањето на оваа единица, затоа што живееме во време на климатски промени, кога се почести се и пожарите. Им посакувам успеси на сите пожарникари, Бог да ги чува, затоа што нивната подготвеност е неопходна“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.
Градоначалникот Тони Коњановски, им додели плакети од Општина Битола за особен придонес, посветеност и професионалност во работењето во ТППЕ Битола, на пожарникарите Стевче Станковски и Тони Мирчевски, по повод нивното пензионирање оваа година.
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани