2win800x200

Како да се воспостави функционален регионален центар за управување со отпад - форум во Битола

Мај 23, 2025

РЕГИОНАЛЕН ФОРУМ НА ЗАЕДНИЦАТА ЗА ПЕЛАГОНИСКИОТ РЕГИОН: „КАКО ДА ВОСПОСТАВИМЕ ФУНКЦИОНАЛЕН РЕГИОНАЛЕН ЦЕНТАР ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ОТПАД“

 
Во рамките на проектот „Регионално партнерство за подобро спроведување на Зелената Агенда на локално ниво“, денес се одржа Регионален форум на заедницата за Пелагонискиот регион, кој има за цел актуелизирање на прашањата поврзани со подобро спроведување на Зелената Агенда на Западен Балкан (ЗАЗБ) на локално ниво, преку темата „Како да воспоставиме функционален регионален центар за управување со отпад?“. Проектот го спроведува Центарот за климатски промени во соработка со партнерите: Еко зелено движење, Геосфера - Битола, Екотуризам – 2016 Охрид, Креактив, Фондација за локален развој и развој на информатички технологии, Национален ромски центар и Еко акција, со финансиска поддршка од Швајцарската Влада преку програмата Цивика Мобилитас.
Целта на форумот беше да се потенцира потребата од добро управување со комунален отпад на територијата на Пелагониски регион, дефинирање на моменталната состојба со постапување со овој тип на отпад и негативните влијанија врз здравјето на луѓето и животната средина. 
Воспоставувањето на современи регионални центри за управување со отпад претставува клучен чекор за заштита на животната средина и унапредување во управувањето со отпад во Македонија. Во моментот се соочуваме со бројни нестандардни депонии и ѓубришта кои се значајна закана за здравјето и природата. За таа цел, неопходно е воспоставување на контролирани и еколошки безбедни решенија.
Градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски, нагласи дека во овој момент нема да ја спушти рампата за отстранување на отпадот од општина Битола, иако законска можност за тоа постои, но затоа нагласи дека, мора да се спроведат мерките кои ќе го отстранат нерегулираното ѓубриште кое повеќе од 40 години ја загадува животната средина во општина Новаци.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, потенцираше дека Регионалниот центар за управување со отпад, ќе ги исполнува потребните стандарди.
„Накратко, хронолошки би се вратил во март 2018 година, кога на десеттата седница на Советот на Општина Битола, кога јас бев советник од тогашната опозиција, заедно сите едногласно изгласавме одлука за формирање на Регионална депонија, со оглед на тоа дека ниту една општина не е способна сама да управува со отпадот, поради капацитетите кои ги имаат и поради финансиската конструкција која е огромна во делот на издвојување за формирање на современа депонија и дека е неопходно да се делегира надлежност за формирање на Регионален систем за управување со отпад. Едногласно го прифативме сите, знаејќи дека не постои друго решение, ниту кај нас, ниту во Македонија, ниту во Европа. Тие се можностите, стандардите, препораките, а физибилити студијата уште тогаш потврдила дека за целиот тој процес се потрбни околу 40 милиони евра, од кои општина Битола, требало да издвои околу 4,5 милиони евра. Општината не била способна, ниту тогаш, ниту денес да издвојува за некој самостоен систем за управување со отпад и уште тогаш се донесла одлука да се формира Регионална депонија. Во меѓувреме, утврдено е дека заради финансиска исплатливост и одржливост, потребно е да има минимум 250.000 жители, за што е потребно здружување на повеќе општини. И тоа секаде во светот постои. Јас сум убеден дека тоа е начинот, затоа што секое решение е подобро од моменталното ѓубриште кое го имаме во Мегленци“, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, нагласувајќи дека Регионалниот центар ќе биде според европски стандарди.
На денешниот регионален форум, говореа и Горан Степановски, директор на ЈП „Комуналец“ Битола, Ана Каранфилова Мазневска, раководител на сектор отпад при Министерство за животна средина и просторно планирање и Бојана Станојевска Пецуровска од Центар за климатски промени.
На форумот, граѓаните имаа можност да поставуваат прашања за сите аспекти поврзани со Регионалниот центар за управување со отпад.
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани