2win800x200

Библиотекарите учат како да ги заинтересираат децата за книгите во дигиталното време

Јуни 19, 2025

Во рамките на проектот “Стручни работилници: Училишните библиотекари – поттикнувачи на интересот за библиотечна дејност”, денеска се одржаа обуки во Битола и Скопје под покровителство на Министерството за култура и туризам. Настанот собра повеќе од стотина професионалци од целата земја.

Со поддршка на Министерството за култура и туризам, на 18.06 2025 во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ Битола и ООУ „Св. Климент Охридски“ Скопје се реализира проектот од  „Стручни работилници: Училишните библиотекари ̶  поттикнувачи на интересот за библиотечна дејност кај децата и младите“ од авторот д-р Лили Бошевска, како проект од национален интерес во културата за 2025 година во областа на библиотечната дејност.
 
Проектот се состои од шест работилници за училишни библиотекари, за усовршување на компетенциите за стимулирање на библиотекарската едукација и поттикнување на интересот за библиотечната дејност кај децата и младите,  како и деца и млади со попреченост. Работилниците ги одржаа м-р Маја Трајковиќ во Скопје и д-р Лили Бошевска во Битола.
Училишните библиотекари кои се најважниот фактор за создавање и развивање на интересот за читање и други поттикнувачки активности за социјализација и личен развој на учениците, најчесто се преокупирани со најразлични споредни активности во училиштата кои им се доделуваат без да се имаат во предвид нивните законски работни обврски. Стручните работилници имаат цел да ги зајакнат сознанијата и свесноста за потребните стручни компетенции на училишните библиотекари и професионалните стандарди кои треба да се исполнат за функционирање на еден успешен библиотекар во успешна и современа училишна библиотека
Стручните работилници ќе обезбедат да се постигне поврзаност и кохезија на мноштвото обврски на училишниот библиотекар и утврдување на приоритетите за поттикнување на библиотечната дејност кај децата и младите во професионалниот план за развој и програмата за работа на библиотекарот кои се основни програмски документи кои секој училишен библиотекар треба да ги поседува не само како празни зборови на хартија туку како реални и развојни документи кои ќе ја планираат, а потоа насочуваат, активноста на библиотекарот.
На стручните работилници, библиотекарите ќе се поттикнат да размислуваат за потенцијални активности со кои го поставуваат првиот контакт на библиотеката со децата. Токму со тој прв контакт се формира односот на секое дете, а понатаму на младите со библиотеката и книгата. Стручните пристапи, методите и техниките на работа кои ќе  бидат применети на стручната работилница се стекнати на Светскиот конгрес на библиотекари ИФЛА и ќе овозможат практично поврзување на светските искуства со нашите реални состојби, материјалните услови и законските одредби кои постојат и ја регулираат работата во образовната и културната дејност. Новите сознанија и насоки за библиотечната дејност ќе бидат практични и применливи за македонските училишни библиотеки. 
Според зборовите на рецензентката м-р Гордана Горгиевска Неделковски, виш библиотекар во НУУБ „Св. Климент Охридски“ Битола: „Во систематски поставените поглавја, авторот нé води од компетенциите што треба да ги има еден библиотекар кој работи во образовните институции, па сé до реализирање на најкомплексните задачи во секојдневното работење.  Како што потенцира и самиот автор „Библиотекарот е неизоставен фактор во афирмирањето на библиотеките како културен центар на училиштето во кое се учи, се твори и се разменуваат едукативни и стручни информации“. Желбата и посветената работа на еден библиотекар кој работи во образовната институција е доказ дека можат да се направат видни промени преку интерактивни работилници коишто ги опфаќаат учениците, родителите, образовните работници, заедницата како и лицата со попреченост. “
 
За публикацијата која е плод на долгогодишното искуство на авторката, во исто време и за проектот како поврзување со реализираните обуки за училишните библиотекари го истакнува своето мислење и м-р Фатма Бајрам Аземовска, библиотекар советник во НУУБ „Св Климент Охридски“ Битола: „Со својот интегриран и сеопфатен пристап, публикацијата претставува модел за создавање успешни стратегии за развој на училишните библиотеки, кои ќе одговорат на предизвиците на дигиталното време и ќе придонесат кон формирање на генерации љубопитни, креативни и информирани ученици. Нејзината вредност е и во тоа што го охрабрува библиотекарот да се позиционира како рамноправен член на наставниот кадар и како клучен носител на културната мисија на училиштето. Како магистер по библиотекарство, сметам дека оваа публикација е од суштинско значење за професионалниот развој на училишните библиотекари, но и за пошироката едукациска заедница. Таа претставува корисен и применлив водич кој придонесува за зајакнување на улогата на библиотекарите како современи, компетентни и инспиративни професионалци.“
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани