КОЊАНОВСКИ СО ПОДДРШКА ЗА НОВИТЕ СЕЗОНСКИ ПОЖАРНИКАРИ ОД БИТОЛА
Во Битола заврши обуката на сезонските пожарникари, кои беа избрани на јавниот повик, објавен во рамките на мерката 6.2 Јавни работи за заштита и превенција од пожари и оплеменување на животната средина на локално ниво (пошумување), која е дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година, усвоен од Владата на Република Македонија.
Проектот кој вклучува 364 кандидати на ниво на целата држава се реализира во соработка со Дирекцијата за заштита и спасување, Агенцијата за вработување на Република Македонија, Противпожарниот сојуз на Македонија, Црвениот крст на Македонија, општините и противпожарните единици.
Во Битола, како еден од 13-те градови во кои се спроведуваше оваа активност, обуката успешно ја завршија 20 кандидати, кои на почетокот го поминаа теоретскиот дел, а потоа и практичните вежби за гаснење на пожари на отворен простор, како и обуката за прва помош.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, ги посети учесниците за време на нивната обука, при што им посака успешна работа, професионалност и посветеност во извршувањето на задачите поврзани со заштитата на населението, материјалните добра и природните богатства од пожари. Градоначалникот на Битола, потенцираше дека локалната самоуправа и во идниот период продолжува со силна поддршка за ТППЕ Битола, изразена преку изградбата на новата противпожарна зграда, нејзиното доопремување кое е во тек, но и преку подготовка на дополнителен кадар кој успешно и навремено ќе одговори на сите предизвици.
Учесниците на обуката истакнаа висока мотивација и подготвеност професионално да се вложат за време на нивниот ангажман и да дадат свој придонес во противпожарната заштита на средината од која доаѓаат.
По завршувањето на обуката ќе следи склучување на договори и распределба на обучените сезонски пожарникари од вклучените општини по Територијалните противпожарни единици.
Обуката, покрај тоа што претставува важен чекор во зајакнување на капацитетите за справување со пожари, значајно придонесува и кон локалната заедница преку создавање обучени кадри подготвени да дејствуваат при секој потенцијален ризик.
Со ова, Битола уште еднаш покажува активна улога во националните безбедносни и еколошки иницијативи, ставајќи ги човечкиот потенцијал и превенцијата во фокусот на заштитата на градот и околината.