
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
АКО МОЖЕ УЧИЛИШТЕТО ДА...ПИСМО ЗА ОГНЕН И ЕЛЕНА. Оваа година мојот син Огнен тргнува во средно училиште, и ми дојде желба да му оставам нешто што нема да избледи како разговорот после вечера. Го напишав ова писмо – за него, за мојата ќерка Елена, а и за секое дете што патува низ училиштето. За да можат да му се навратат кога ќе им затреба потсетник дека училиштето не е само оценки, туку и главна вежбанка за животот. Ова писмо не е за да ви објаснам што е училиште, тоа ќе го откриете сами – чекор по чекор, ден по ден, година по година. Ова писмо е мој обид да ви понудам мапа – не за тоа како да стигнете до нешто, туку како да патувате низ нешто што се вика училиште, а понекогаш изгледа како лавиринт. Сакам да знаете што мене ми требаше многу години да научам (и уште учам). Сакам да знаете дека училиштето не е само зграда со ѕвонче и табли, туку е главната вежбанка за животот. Ако можев да ви ставам една реченица во училишниот ранец, таа ќе беше: „Не бегај од грешките – таму е школото.“. Живееме во време кога децата (а и ние големите) се под огромен притисок да бидеме „совршени“, совршени оценки, совршено однесување, совршен изглед. Иако училиштето би требало да има друга цел да ви помогне да станете и останете повеќе „ЈАС“, а не да ве претвора во… зошто тоа не се случува не е тема на ова писмо, туку темата е што сакам да знаете за училиштето за да уживате во патувањето. На секое прсте по една порака: 1. Грешките се добредојдени гости. Не се бега од нив – се учи од нив. Грешките покажуваат дека сте биле храбри и сте пробале нешто ново. А секој обид е чекор напред. Затоа многу често ве потсетувам „нема неуспех – има само резултат“. Тоа е ставот Како МОЖЕ на дело. Никој никогаш не направил нешто што направило промена без да направи многу грешки, кои не ги криел туку учел од нив Како МОЖЕ следниот пат. 2. Оној што знае како да учи, ќе знае како да живее. Училиштето не е меморирање на факти кои не се логично и фунционално наштимани за да знаете како да ги употребувате. Туку да научите како се учи. Како се истражува. Како се размислува. Како се поставуваат прашања. Тоа се вештини кои ќе ве водат цел живот. А посебно во времето што ве чека затоа што промената се забрзува секојдневно и денешните правилата нема да важат утре. Брзо учете, брзо одучувајте и брзо учите... 3. Успехот не значи да знаете сè – туку да продолжите дури и кога не знаете. Она што се брои е да не се откажувате. Постои една скриена вештина која училиштето не ја оценува, а е клучна — упорноста. Оваа лекција ја добив од дедо ви кој знаеше да каже „т`п ама упорит“ постигнува сè — и ви ја подарувам вам. 4. Изборот на ставот е во вашите раце. Кога нешто не ви оди како што треба – запрашајте се: Што можам да научам од ова? Како МОЖЕ да го гледам ова поинаку? Вашата перцепција е ваша најголема моќ, внимавајте на кого му дозволувате да влијае на неа. Исто како што не се пие вода од секој избор, не се учи ни од секој човек, независно која титула ја носи. Или ако подобро размислам тие даваат исто вредна лекција а тоа е лекцијата – Како НЕ треба. 5. Не морате да имате сè смислено уште сега. 99% од луѓето се имаат покорено на одлуките донесени во детството, а голема е веројатноста и дека не ги донеле самостојно, а со сигурност ги донесе до недоразвиен претфронтален кортекс (клучен за такви одлуки). И да, јас со 45 години уште размислувам што сакам да бидам кога ќе пораснам и менувам, не сум посадено дрво. Така да не е ваша задача да го имате целосно осмислено животот уште сега, ова е време за истражување, експериментирање и... Патот секогаш се појавува кога ќе тргнете. 6. Вашата вредност не зависи од оценките. Вие не сте бројка. Вие сте личности, со соништа, карактер, емоции и уникатен начин на размислување. Можете да имате „лоша“ оцена и пак да бидете ѕвезда во нешто што не се мери со стандардите на училиштето и во оценки. Преку мојата работа научив дека луѓето кои знаат да го најдат своето „зошто“ и да одржат став на благодарност, растат многу подалеку од оценките на дневникот. Јас сигурно знам дека не сум горда кога ќе си ја погледнам дипломата од средно, но затоа сум совршено горда со она што го имам сработено. 7. Фокусот е супервештина. Во свет на постојани нотификации, научете да го чувате вашето внимание како највредно богатство. Тоа ќе ви служи повеќе од било кој апдејт на апликација. Малкумина ја имаат оваа вештина – а вие сега имате време да ја вежбате секој ден. Не дозволувајте на секој што е гласен, светка или... (овој тренд се менува и не заслужува повеќе од два збора) да ви шета по мислите. Кога јадеш расипана храна телото ја исфрла преку добропознатите места, но сте размислувале ли како се исфрлаат „расипаните“ мисли... преку вашето делување. 8. Можете да побарате помош и да останете силни. Да кажете „ми треба поддршка“ не е знак на слабост, тоа е знак дека сте доволно храбари да не се откажете, а јас ова го научив како голема, би сакала вие да растете со ова знаење. 9. Популарноста е шум – вашиот глас е важен. Во свет каде сите сакаат да бидат „видени“, важно е да не се изгубите себеси. Бидете гласни за тоа што е важно за вас. Не морате да бидете дел од секој муабет, изберете ги оние што вредат. И да некои луѓе може ќе мислат дека сте „глупи“, но секој има право на свое мислење, така? 10. Бидете благодарни секој ден. Благодарноста не значи дека е сè совршено. Туку дека во секој ден ќе најдете нешто што е совршено дури и кога не е лесно. Таа ќе ви помогне да гледате пошироко, да не се изгубите во ситниците и да се движите со полно срце. Некои од овие пораки гледам дека фатиле здрав корен и растат, додека други со надеж вредно ги полевам секој ден, а за некои чистам плевел од вашата градина, но тоа е родителувањето. Огнен, Елена – со ова писмо не сакам да ви кажам што треба да бидете. Туку да ве потсетам дека секогаш имате избор како да гледате, како да учите, како да избирате. И дека, без разлика на училиштето, светот или трендовите – вие веќе сте доволно добри тактви какви што сте. пишува Ана Салтирова Давидовски (Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)