2win800x200

Не е запоставена меморијалната соба на Петре М. Андреевски, вели министерот Љутков по посетата на Слоештица

Август 18, 2025

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска ја посети Општина Демир Хисар, каде што оствари средба со градоначалникот Никола Најдовски и ги посети институциите од областа на културата што го обликуваат културниот живот во овој регион. 1000004453

 
Во рамките на посетата, министерот ја разгледа меморијалната поставка посветена на великанот на македонската книжевност, Петре М. Андреевски, во неговото родно село Слоештица. Тој посочи дека состојбата на меморијалната соба не е онаква каква што неодамна беше претставена во јавноста.
 
„Лично се уверив дека меморијалната соба не е запоставена и дека сите  објави во јавноста се невистинити. Во неа има само лични предмети и фотографии на македонскиот поет, романсиер, раскажувач и драмски автор кои се во солидна состојба, а условите за нивно чување се соодветни. Воедно, загриженоста за ракописите е неоснована бидејќи тие се безбедно зачувани во МАНУ“, изјави Љутков.
 
Министерот додаде дека Министерството е подготвено, доколку семејството даде согласност, да обезбеди институционален простор во рамките на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, со трајна поставка достапна за јавноста.
 
„Петре М. Андреевски не е само писател – тој е дел од духовниот темел на нашата држава. Нашата задача е да го чуваме, негуваме и гордо да го пренесуваме неговото наследство на идните генерации“, нагласи министерот.
 
Во текот на престојот во Демир Хисар, министерот ги посети и НУ Манифестација „Денови на Смилевски конгрес“ и Домот на културата „Илинден“ каде што е сместена и библиотеката „Петре М. Андреевски“. Министерот Љутков престојот во Општина Демир Хисар го заокружи со посета на приватната библиотека „Ал-Би“ во с. Бабино и Слепченскиот манастир, кои се сведоштво за културната и духовна традиција на регионот.
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани