СВЕЧЕНО ОТКРИЕН СПОМЕНИКОТ НА АЛЕКСАНДАР ТУРУНЏЕВ ВО БИТОЛА
Со свечена церемонија и своевидна поворка која го симболизираше погибието на војводата Александар Турунџев, вечерва беше откриен споменикот на оваа значајна личност од македонската револуционерна борба под Ат Пазар во Битола.
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски заедно со потомци од семејството Турунџиеви, пред бројните битолчани, гости го открија споменикот на војводата на што претходеше своевидна претстава поткрепена со исторска симболика.
„Токму на денот на погибието пред 120 години, на овој 30 август, Битола ја исправи својата вечна должност и му подари споменик на Александар Турунџев“, порача градоначалникот Коњановски.
На свечениот чин му претходеше поворка низ битолските улици, испреплетена со историски факти. Напочеток граѓаните се собраа пред пред ОУ „Ѓорги Сугарев“, местото каде Турунџев бил затворен, каде беше разбиорено македонското знаме од млади момчиња облечени во комитска носија, членови на КУД „Илинден“ Битола. Поворката беше придружувана со блех музика и групата Љубојна како и младите зурлаџии и тапанџии од АФ „Гоце Делчев“ Битола, а предводник на поворката беше коњаницата „Костурска чета“.
Бројни граѓани се приклучуваа на поворката која се движеше низ Плоштадот „Магнолија“, покрај реката Драгор до Ат Пазар каде и беше погубен војводата, па се новиот кружен тек каде е поставен споменикот на историската личност Александар Турунџев.
На сцената македонската државна химна ја отпеа правнуката на Турунџев, певицата Сузана Турунџиева, а оперскиот пејач Игор Дурловски во аранжман на Николче Мицевски ја изведе песната посветена на војводата Турунџев – „Црно му било пишано“.