ПОЛОЖЕНО СВЕЖО ЦВЕЌЕ ВО ЧЕСТ НА 81 ГОДИНА ОД БЕГСТВОТО НА ПОЛИТИЧКИТЕ ЗАТВОРЕНИЦИ
Денес се одбележуваат 81 година од херојското бегство на политичките затвореници од Централниот областен фашистички затвор во Битола. По тој повод, на локацијата каде што некогаш се наоѓал затворот, во близина на „Црн мост“, беше одржана комеморативна церемонија.
Настанот беше организиран од Сојузот на борци, а свежо цвеќе положија градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, советници од Општинскиот совет, претставници на политички партии, како и членови на Сојузот на борци.
На 6 септември 1944 година се случило значајното бегство на политички затвореници од споменатиот затвор, каде биле притворани активисти од целата битолска околина, поради нивната борба во Народноослободителното и антифашистичко движење.
Фашистичкиот воен суд во Битола осудил повеќе од 250 лица. Над 50 биле осудени на смрт со бесење, повеќе од 20 добиле доживотна казна, а останатите биле осудени на затворски казни од една до дваесет години.
Неколку дена пред капитулацијата на Бугарија, во услови на распад на фашистичката власт, управата на затворот била принудена да ги отвори портите. Така, околу 120 политички затвореници успеале да избегаат. По нивното ослободување, сите активно се приклучиле во завршните операции за ослободување на Македонија од окупаторот.
Денешниот ден е потсетник на храброста и жртвата на овие херои, кои го положија својот живот за слободата на татковината.