ОО на СДСМ Битола преку Фејсбук соопштение го критикува денешното отворање на кујната во РЕК Битола за топол оброк за вработените. Соопштението ви го пренесуваме во целост. Ако нема струја, дајте грав!
Денешната фешта што ја приреди ВМРО-ДПМНЕ предизборно, е целосен одраз на бескрупулозноста и лицемерието на владеачката партија. Наместо одговорност за катастрофалните состојби во кои се наоѓа РЕК Битола, менаџментот денес безгрижно јадеше грав, се фотографираше и снимаше како да е сѐ во најдобар ред!
А, реалноста е сурова. Блок 1 на РЕК Битола 7 дена не може да стартува. Направени се повеќе обиди, потрошени се милиони евра за мазут, но постројката никако да влезе на мрежа. На Блок 3 утрово има нов пожар заради што и овој блок е надвор од функција. Работи само Блок 2. И тој климаво и на стаклени нозе.
Во вакви тешки околности во кои се наоѓа комбинатот, ноншалантниот однос на менаџментот е запрепастувачки! Наместо да понудат оставки и да повикаат стручни лица кои ќе се обидат да направат нешто додека се може, директорите седнаа на сркаат грав!
Од најголем производител на струја во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ го претвори РЕК Битола во загубар во кој гравот е поважен од мегаватите на мрежа!