Во работна посета на општина Битола престојуваше заменичката на
амбасадорот на Австралија и прва секретарка и конзулка во амбасадата во
Белград, Териз О’ Мили, во придружба на почесниот конзул во нашата
држава, Зоран Костовски.
На средбата со градоначалникот Тони Коњановски, разговараа за
продлабочување на соработката меѓу Австралија и Битола, со акцент на
локалниот економски развој, културната размена и поддршка на
образованието. Се разговараше и за тековните и идните проекти на
општината, како и за големото присуство на Македонците во Австралија и
нивното учество во тамошниот политички и општествен живот.
Градоначалникот ја информираше О’Мили за стратешките приоритети на
Битола, меѓу кои се одржливиот урбан развој, заштитата на животната
средина и создавањето услови за нови инвестиции и отворање работни
места.
Г-ѓа О’Мили изрази задоволство од можноста да се запознае со
потенцијалот на градот и потенцира дека Австралија, како мултикултурна
земја, дава огромна поддршка на македонското население во оваа земја.
Таа нагласи дека Австралија е подготвена да продолжи со поддршка на
локалните иницијативи кои придонесуваат за економски раст, иновации и
унапредување на заедницата.