
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во Битола локалните избори завршија во првиот круг. Убедлива победа на Тони Коњановски и ВМРО-ДПМНЕ. После четири години локална власт на Коњановски, битолчани вчера го избраа уште во првиот круг (со освоени 18.813 гласа) и направија разлика од близу 11.000 гласови од второ пласираната, независната кандидатка Габриела Илиевска.
Во Битола вчера според бројот на вкупно излезени гласачи 34.985, во Советот еден мандат „тежи“ околу 1.004 гласови. Според познавачите на приликите ова е најниската бројка на освоени гласови по советник што обезбеди советнички мандат за учесниците. На изборите во 2021 година за едно советничко место бројот на гласови беше 1.252 гласа.
Она што е најважно за владејачката партија е што овој пат имаат мнозинство во Советот со освоени 16 советници, од вкупно 31 мандат во Советот на Општина Битола. Во претходниот Совет ВМРО-ДПМНЕ немаше мнозинство и главните обвинувања беа дека независната иницијатива „Поинаку“ е „кочничар“ на развојот на Битола, со кочење на европски проекти и европски средства кои требаше да бидат вложени во градот, а не се искористија.
Сега Коњановски има шанса во вистинското светло да покаже што уште може да направи за Битола со целосна поддршка од Советот и централната власта.
Она што донесе вчерашното гласања е дека по Коњановски, по број на освоени гласови не е СДСМ, туку Илиевска од „Поинаку“. Таа по 12 години советник (почна со ВМРО-Народна, па премина во независна) се кандидара за градоначалник на Битола, но не успеа да влезе во втор круг како што најавуваше и посакуваше. Изборите за неа завршија со освоени 8.003 гласа. Илиевска по три мандати од кои еден како претседател на Советот (со неформална поддршка прво на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и на СДСМ), веќе не е фактор на локалната политичка сцена, барем во наредните 4 години.
Методија Куновски кандидатот на СДСМ и коалицијата освои – 6.118 гласови. Куновски успеа да привлече занемарливи 700 гласа повеќе од советничката листа (со 5.386 гласа) која пак доживеа катастрофа со пет освоени мандати, за разлика од 2021 година, кога СДСМ имаше 11 советници.
СДСМ Битола на овие избори доживеа дебакл и по освоени гласови за градоначалник и совет. Во 2021 година кандидатот за градоначалник Христо Кондовски во вториот круг од локалните избори имаше 21.936 гласови, значи сега СДСМ загуби 15.818 гласови за градоначалник и близу 9.000 гласови за Советот (2021 година имаше 14.303 за советници).
Всушност поразот на СДСМ Битола се должи на „внатрешното предавство“, оти голем дел од „истакнатите“ социјалдемократи агитираа кај членството уште во предизборието да дадат глас за Илиевска, за да ги „казнат“ сопаратијците кои раководеа со СДСМ додека партијата беше на власт. „Предавството“ во СДСМ Битола беше поттикнато и од функционери во партијата кои уште пред локалните избори го убедуваа лидерот Венко Филипче да ја поддржи Илиевска како заеднички кандидат на обединета опозиција за да го поразат Коњановски. Филипче одлучи СДСМ да си ги измери силите со свој кандидат и своја листа.
СДСМ останува втора политичка сила во идниот Совет на Општина Битола.
Всушност во Советот на Општина Битола покрај 16 советници од ВМРО-ДПМНЕ со освоени 16.176 гласови, пет СДСМ, „Поинаку“ четири, Левица два советници, и по еден советник добиваат ЛДП, Граѓанската иницијатива ГРИН, ЗНАМ и ДУИ.
На овие избори иако со помалку освоени гласови „Поинаку“ зеде четворица советници, еден плус од изборите во 2021 година. По бројот на гласови во споредба со 2021 година „Поинаку“ падна за неколку стотина гласови. Сега освои 4.148 гласа.
Инаку прогнозите беа дека Левица во Битола ќе оди напред, но сепак падна по бројот на освоени гласови (2.237 гласови) и остана со два советници колку што имаше и досега. Левица на овие избори рече дека ќе го поддржи независниот кандидат за градоначалник Зоран Николовски, но тој освои само 680 гласа, што значи левичарите не си држеа до зборот.
ЛДП Битола се врати во Советот со освоен еден мандат. Вчера либерал-демократите привлекоа 1.154 гласачи, но за разлика од 2021 година кога имаа 2.430 гласови, сега поддршка е преполовена.
ЗНАМ – движење за Македонија освои мандат со 1.357 гласови. Ова е прв советник на ЗНАМ во Битола. Но, ако се споредат податоци од бројот на освоени гласови на ЗНАМ на последните парламентари избори и сега, разликата во негативно е голема. Пад од околу 2.000 гласови за партијата на Максим Димитриевски во Битола.
Еден мандат во Советот освои и ДУИ со 1.004 гласа. Бројот на албанските гласови во Битола е околу 2.000, па прашање беше дали двете најголеми албански партии ДУИ и ВЛЕН ќе успеат да влезат во Советот ако ги поделат гласовите. ДУИ и досега имаше советник, а на овие избори изгуби близу 500 гласови во споредба со 2021 година.
Најголемо изненадување за битолскиот електорат на овие избори беше новоформираната Граѓанска иницијатива ГРИН зад која застана битолскиот бизнимен Александар Талевски. Формирана непосредно пред почетокот на кампањата, за само три недели промоција во јавноста, ГРИН успеа да обезбеди еден мандат во Советот со освоени 1.041 глас.
Со идниот Совет на Битола се очекува да претседава ВМРО-ДПМНЕ ,а поддршка за локалната политика да дадат и други советници.
Анета Блажевска