
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Општинската организација на СДСМ Битола се уште е без претседател и со неа од неодамна управува работна група составена од 13 партиски функционери. Ова е ситуација која се наметна во ОО на СДСМ Битола по оставката на последниот претседател Методија Куновски, на 17 декември лани. Оставката на Куновски се совпадна со најавата на лидерот на СДСМ Венко Филипче дека за нов член на Извршниот одбор ќе го назначи Драган Крајовски, кој ја водеше општинската пред Куновски.
Генералниот секретар на СДСМ Александар Саша Димитријевиќ на прашање на АПЛА кога ќе биде избран нов претседател на ОО на СДСМ Битола одговора:
„Во однос на огласот за избор на локален лидер во Битола, на следната седница на Централниот одбор на СДСМ ќе се разговара и ќе се донесе одлука за понатамошните чекори околу распишувањето на огласот“, потврди Димитријевиќ за АПЛА.
Генералниот секретар на СДСМ Димитријевиќ, на крајот на јануари дојде во Битола на состанок со сопартијците и таман се очекуваше да се избере вршител на должност на ОО на СДСМ Битола, се одлучи „Работна група“ да ја води општинската, па во последниот период се почести се средбите на групата. Во работната група се членовите на Централниот одбор, Методија Илиевски, Зоран Стојчевски, Елизабета Ивановска, Андреј Стојановски и Драган Крајовски. Потоа реонските координатори - Александар Дракуловски, Зоран Стојчевски, Димче Дамчевски, Тања Николовска, Марјан Паревски, Горан Поповски, Пеце Шереметовски, Горги Горгиевски како и координаторот на советничката група Петар Николовски.
Димитријевиќ запрашан дали дава резултати работната група формирана во Битола одговара:
„Работното тело во Битола е активно и во овој период е фокусирано на следење на работата на локалната самоуправа предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која, за жал, наместо конкретни резултати за граѓаните, нуди многу ветувања, а малку реализирани проекти. Нашата цел е да укажуваме на слабостите во управувањето со општината и да понудиме конкретни решенија за проблемите со кои се соочуваат битолчани“, одговара Димитријевиќ за АПЛА.

Инаку, неодaмна против висок партиски функционер од Битола, член на Централниот одбор на СДСМ, СВР Битола поднесе кривична пријава за злоупотреба на службата додека бил директор на Битолската болница. Според информации на медиумот од ОЈО Битола –„во тек е предистрага и се проверуваат наводите во пријавата од полицијата, пред да се донесе јавнообвинителска одлука.“
Димитријевиќ запрашан - како го толкува фактот што член на ЦО од Битола е под истрага за АПЛА вели:
„Сметам дека институциите треба да си ја завршат својата работа и дека секој е должен да ја почитува презумпцијата на невиност сè додека не се докаже спротивното“, генералниот секретар на СДСМ за АПЛА.
Инаку, партиски извори неофицијално велат дека има неколкумина заинтересирани да ја водат партијата во Битола кои би се пријавиле на претстојниот оглас. Се споменуваат имињата на членот на Централниот одбор Зоран Стојчевски, кандидатот за советник на последните локални избори Јане Велкоски, а се зборува дека на лидерското место претендираат и жени: екс советничката Тања Крнчева, портпаролката Анета Сердарова, како и актуелната советничка Софија Ристевска-Петрушевска.
Анета Блажевска