
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Конструктивните и реално издржани предлози, без оглед од кого се предложени секогаш ќе ја имаат нашата поддршка во Советот на општина Битола, објави претседателот на Советот Бојан Бојкоски откако сите советници на последната седница на Советот гласаа едногласно за цените и услугите што ќе ги добиваат граѓаните во КИЦ – Офицерски дом Битола.
Влезот во Офицерскиот дом во Битола е бесплатен, цените на услугите ќе бидат прецизно дефинирани, сите ученици од Државното музичко училиште во Битола кои што прават завршни концерти ќе им се овозможи попуст од 50 проценти од предвидените цени за закуп на простор. Поволности и за организираните посети за ученици и студенти, ова беа дел од заклучоците кои сите советници ги гласаа едногласно.
„Влезот во Офицерскиот дом во Битола е бесплатен, единствено би се наплаќало за поединечни или групни посети за оние спомен соби што во мометот ги подготвува КИЦ Битола, односно Офицерскиот дом. Таму треба да бидат подготвени две или три спомен соби со најразлични мотиви од градот. За да не се прави слика во јавноста дека Офицерскиот дом ќе биде забранет за посети со наплаќање билети, предлагам еден заклучок да изгласаме во Советот: Ставка 14 поединечни посети за граѓани на Општина Битола да биде тргната од ценовникот со задолжение на првата седница на УО на ЈУ КИЦ Битола да биде донесена одлука да нема таква ставка и со тоа да не се прави заблуда кај граѓаните дека во Офицерскиот дом ќе биде наплатуван влез“, рече претседателот на Совет, Бојан Бојкоски пред советниците и предложи „Задолжение до КИЦ -Офицерски дом Битола поединечни посети за граѓаните на Р.Македонија на првата седница на УО да биде отстранета и директорот да достави нов ценовник на услугите за КИЦ Битола“, предлогот беше едногласно прифатен од сите советници од власта и опозицијата.
Советникот на НСДП Драги Крстев побара цените на услугите на КИЦ Битола да бидат прецизно дефинирани, а не со цени кои можат да варираат во износите и процентите.
„Доколку корисникот има дополнителни барања од техничка природа и специфичен карактер цената може да се зголеми за 25 до 50 проценти, а доколку корисникот има потреба од комплет услуги - пијано, видео бим, озвучување, осветлување, цената може да се намали за 10 до 50 проценти. Барам цените да бидат дефинирани во секоја понуда од услугата за да не биде како сега од - до, да варира цената“, рече советникот Крстев и неговиот предлог беше едногласно усвоен од сите советниците на Советот на Општина Битола.
Советникот Петар Николовски од СДСМ побара ставката групни посети, односно организирани посети од основните и средните училишта и факултетите под Општина Битола да се донесе заклучок за нови цени. По ова едногласно беше усвоен и заклучокот предложен од Николовски.
Советникот Миле Трајковски од Поинаку побара поддршка за учениците од Државаното музичко училиште од Битола за користење на услугите во КИЦ-Офицерски дом Битола, каде најчесто ги одржуваат завршните матурски концерти.
„Државното музичко училиште ги користи услугите на КИЦ Битола, Општина Битола знае да ги пофали учениците како репрезенти на градот и државата, но ако не платиш не можеш да се промовираш. Затоа предлагам една ставка за овие ученици или бесплатно користење на салата за учениците од Државното музичко училиште во Битола или некоја симболична цена што нема да биде финансиски товар на нивните родители.“
По ова претседателот Бојкоски кажа дека сите ученици кои што прават завршни концерти од Државното музичко училиште во Битола да им се овозможи попуст од 50 проценти при организирањето на настаните. Предлогот беше едногласно усвоен.
„Предложивме конкретни заклучоци, но истовремено ги прифативме и сите предлози од опозицијата кои беа во реални и издржани. Веруваме дека токму ова е начинот на кој треба да функционира Советот, со аргументи, со почит и со заедничка одговорност. Кога станува збор за Битола, нема „наши“ и „ваши“ идеи, има само добри решенија што значат подобра услуга за граѓаните. Политичката зрелост се покажува тогаш кога умеете да прифатите добра идеја, без разлика од каде доаѓа. Продолжуваме со работа, одговорно, транспарентно и во интерес на Битола“, објави Бојкоски.
А.Блажевска