2win800x200

ЛДП, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ПОИНАКУ сложни во Советот на Општина Битола

Мај 13, 2026

Мнозинството во Советот на Општина Битола на вчерашната седница прифати две иницијативи предложени за подобри услови за децата со посебни потреби и нивните семејства и за изградба на „Македонско-американски парк“ кај местото викано „Авионите“ во Битола.

Првата иницијатива мерки за обезбедување подобри услови за децата и семејствата на децата со посебни потреби ја предложи советникот на ЛДП Димитар Кузмановски, додека иницијативата за „Македонско-американски парк“ кај „Авионите“ во Битола ја предложи советничката на СДСМ Софија Ристевска-Петрушевска.

Мнозинството во Советот на Општина Битола предводено од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, потоа СДСМ со коалицијата, ПОИНАКУ, ЛДП, ЗНАМ, ГРИН, ДУИ ги прифатија иницијативите и накрај со 27 гласа „за“ ги изгласаа. Против иницијативите беа двајцата советниците на Левица.  

Ова е еден од ретките примери досега каде политичките ривали се спојуваат со една цел - во интерес на битолчани.  

Претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски објави дека Советот делувал заеднички за подобра Битола.

 

28c018bb c5c7 4b82 8f8c 109430643172

 

 

„На вчерашната 11-та седница на Советот на Општина Битола беа усвоени две иницијативи предложени од опозициските советници. Ова е уште еден доказ дека кога станува збор за интересот на граѓаните, добрите идеи немаат политичка боја. И покрај тоа што имаме мнозинство, како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжиме да ги поддржуваме сите квалитетни предлози кои носат развој, грижа и подобар живот за битолчани.

Веруваме дека со меѓусебна почит, дијалог и соработка можеме да постигнеме многу повеќе. Очекуваме и во иднина поддршка за програмите и иницијативите кои се предлагаат, затоа што целта треба да ни биде заедничка подобра Битола за сите!“, објави Бојкоски.

 

Советникот на ЛДП Димитар Кузмановски предложи четири точки: Обезбедување на ваучери за деца категоризирани со наод и мислење според МКФ, за користење дефектолошки, логопедски и психолошки третмани. Доделување на еднократна финансиска помош на децата со посебни потреби. Обезбедување на бесплатен паркинг и бесплатен автобуски превоз за родители на деца со аутизам ( дијагноза F84). Подготовка на програма и финансиска рамка за поддршка на деца со посебни потреби на локално ниво.

„Тие дечиња секојдневно ги посетуваат овие професионалци каде што се работи на нивниот говор, движење...често посетуваат и приватни логопеди, дефектолози и психијатри, а еден час станал голем луксуз околу 1.000 денари. Затоа потребен е ваучер за да им олесниме околу трошоците. Доделување на еднократна финансиска помош за децата со посебни потреби е потребно оти едниот родител најчесто  не работи за да биде со детето, максималниот износ што е треба да им се додели. На родителите на овие деца да им се овозможи и бесплатен паркинг, нема да пропадни ЈП Паркинзи Битола. Во иднина треба да им помагаме на овие наши сограѓани со програма и финансиска рамка  а не со ат хок решенија“, рече советникот Кузмановски и додаде дека со советничката од ВМРО-ДПМНЕ Марина Крстиќ ќе ги разработат сите предлози од оваа инцијатива за нивна имплеметација.  

 

 

Советничката на СДСМ Софија Ристевска-Петрушевска на иницијатива на младиот Јане Велкоски предложи изработка на проектна документација за изградба на „Македонско-американски парк на пријателството” на локацијата кај „Авионите“ (Смолево) Битола, каде што веќе се поставени авиони од американски производител. Целта на оваа иницијатива е уредување и трансформација на просторот во современ и репрезентативен парк кој ќе претставува симбол на пријателството, соработката и партнерството помеѓу Македонија и САД.

Во рамки на иницијативата се предлага: поставување на македонско и американско знаме со соодветни јарболи, хортикултурно и партерно уредување на просторот, поставување на урбана опрема (клупи, корпи за отпадоци, осветлување), поставување на симболично обележје или табла посветена на   македонско- американското пријателство, создавање нов туристички, рекреативен и јавен простор за граѓаните и посетителите на Битола.

„Сметам дека ваков парк ќе претставува значајна додадена вредност за градот, ќе придонесе кон афирмација на Битола како отворен и модерен град и ќе испрати позитивна порака за меѓународна соработка и пријателство. Воедно, планирам да се обратам и до Амбасадата на САД во Скопје со цел поддршка и понатамошна соработка околу реализацијата на проектот“, рече Ристевска-Петрушевска.

Покрај овие иницијативи, мнозинството советници вечар ги усвоија и извештаите од општинските програми со реализација над 75%, што според претседателот на Советот, Бојкоски, претставува уште еден показател за посветена и одговорна работа на Советот.

 

Анета Блажевска 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани