2win800x200

Јавна дебата за состојбата на јавните претпријатија во Битола и како до подобри услуги за граѓаните

Декември 19, 2025

„КАКО ДО ПОДОБРИ УСЛУГИ ЗА ГРАЃАНИТЕ ОД ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА“

 
Јавните претпријатија беа тема на денешната панел дискусија насловена „Како до подобри услуги за граѓаните“, бидејќи тие се сервис на граѓаните и се важна алка во нашето секојдневие. 
Беше кажано дека и тие беа и се исправени пред бројни предизвици. По ковид пандемијата следуваше енергетската криза, а потоа периодот на напорите за нивно стабилизирање.
Советот на Општина Битола и Општина Битола како транспарентни институции ја организираа оваа панел дискусија со цел да се отвори темата со јавноста како да се подобат  услугите за граѓаните.
 
На панел дискусијата учествуваше и градоначалникот на Битола Тони Коњановски, претседателот на Совeтот, Бојан Бојкоски, директорите на јавните претпријатија, на „Водовод“, Андреј Гинов, на „Нискоградба“, Зоран Талевски, на „Комуналец“, Горан Степановски, на „Паркинзи“, Зоран Михајловски и на „Пазари“, Драган Џаревски.
 
„Ваквите јавни дискусии се одлична можност јавноста да биде дел од процесите кои се неопходни да се преземаат, со цел подобри услуги до граѓаните од страна на јавните претпријатија. Сакаме да бидеме транспарентни и затоа отворено зборуваме за ризиците и предизвиците, повеќе работа, а помалку популизам е потребна, за да имаме уште подобар сервис за граѓаните и одлуките да ги носиме заеднички и со граѓаните и со експертите“ рече меѓу другото градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
 
За вклучување на јавноста во процесите зборуваше и претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски.
 
„За прв пат се организира ваков вид на дебата, каде што се вклучени не само оние кои ги носат одлуките, туку и граѓаните кои ги добиваат услугите. Ваквите дебати ќе продолжат со цел поголемо вклучување на граѓаните и пошироката јавност со цел да се запознаат со услугите и состојбите во јавните претпријатија надвор од политичките и партиските преписки, за поквалитетно и подобро извршување на јавните услуги кои што ги нудат јавните претпријатија“ рече Бојкоски.
 
Директорите на јавните претпријатија кажаа што затекнале и каква состојба наследиле, како се справувале со долговите во кои биле јавните претпријатија кон крајот на 2021 година. Рекоа дека направиле рационализација на непродуктивни трошоци, намалување на бројот на вработени, но и кажаа дека согласно зголемувањето на минималната плата, имаат поголеми трошоци во делот на исплаќањето плати. Стана збор и за како што рекоа, потребата од корекција на цените на услугите за да бидат рентабилни и да можат да планираат реализација на капитални проекти, а тоа пак ќе го зголеми и квалитетот на давање на услуги кон граѓаните.
Дел од јавните претпријатиј, како што беше кажано, имаат цени на услуги кои не се корегирани повеќе од 30 години.
 
Експертско мислење и предлози на панел дискусијата даде д-р Димитар Аневски, експертот по финансии со големо искуство во менаџирање на домашни и интернационални компании. 
 
„Транспарентноста и отвореноста што Општина Битола ги практикува во своето работење претставуваат пример вреден за следење од страна на другите локални самоуправи. Денешната панел-дискусија, организирана токму во тој дух, е една од активностите насочени кон подигнување на највисоки стандарди во управувањето со јавните претпријатија, преку вклучување на експерти од различни области и отворен дијалог со директорите на претпријатијата.
Од презентираните излагања на директорите јасно се согледуваат клучните предизвици со кои се соочуваат јавните претпријатија: на расходната страна забележително континуирано растење на трошоците за плати, енергенси и материјали, додека на приходната страна приходите не го следат истото темпо. Оваа диспропорција на среден рок доведува до намалување или целосно кратење на средствата наменети за развој, со фокус исклучиво врз тековното извршување на активностите, додека на долг рок создава ризик од нарушување на нормалното функционирање и обезбедувањето на услуги со висок квалитет.
Како приоритет се истакнува потребата од системска оптимизација и зголемување на ефикасноста во работењето на претпријатијата пред да се премине кон утврдување на реалната цена на чинење на услугите и воведување на пазарно оправдан систем на цени. Оваа крајна цел ќе обезбеди стабилна и предвидлива приходна страна што нема да зависи од политичка волја, а истовремено ќе гарантира континуирано високо ниво на услуги и долгорочна финансиска стабилност на претпријатијата.
Капиталните инвестиции – како во опрема така и во човечки ресурси – мора да бидат во целосна усогласеност со долгорочната стратегија за развој на Општина Битола, со цел да се обезбедат максимални ефекти и одржливост.
Во однос на субвенциите од страна на основачот, тие треба да останат исклучиво во доменот на еднократна помош за непредвидени и исклучителни ситуации, а не да станат редовна пракса. Во спротивно, тоа би довело до намалување на развојните средства на Општината без трајно решавање на структурните предизвици во претпријатијата.
Посебно внимание треба да се посвети на одговорното однесување кон животната средина и интеграцијата на принципите на циркуларната економија во секојдневното функционирање на јавните претпријатија. Ова подразбира намалување на отпадот, реупотреба и рециклирање на материјалите, ефикасно користење на ресурсите и промовирање на одржливи практики, кои не само што ќе ги намалат трошоците на долг рок, туку и ќе придонесат кон зачувување на природата и исполнување на еколошките обврски на Општината. Вклучувањето на циркуларната економија станува императив за одржлив развој, обезбедувајќи дека јавните услуги се обезбедуваат на начин што ја штити животната средина за идните генерации.
Општина Битола и Градоначалникот со ваков пристап покажуваат посветеност кон одговорно, ефикасно, еколошки свесно и долгорочно одржливо управување со јавните ресурси, поставувајќи темел за квалитетни услуги, зачувување на животната средина и просперитет на заедницата“ рече Аневски.
 
На панел дискусијата поканети беа и поранешни директори, пратеници, советници, граѓански организации и медиумите.
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани