На крајот на годината и ЈП „Нискоградба“ со своја рекапитулација за годината која изминува и плановите за следната 2026 година.
Директорот на „Нискоградба“ Зоран Талевски вели дека позначајни предизвици со кои се соочи претпријатието во 2025 година беше зголемувањето на бруто платите од 8 % и трошоците за вработените (отпремнини за вработени кои заминаа во пензија) или вредносно во износ од околу 8 милиони денари (во споредба со 2024).
„Како за илустрација платата во претпријатието во 2021 година изнесуваше 62.029.217 денари за максимум 161 вработен во таа година, додека за 137 вработени во 2025 година платата изнесува 85.141.803 денари“ информира директорот Талевски.
Како финансиски товар ја истакнува и исплатата на заостанатите придонеси за бенифициран стаж.
„Во тековната 2025 година се почна со исплата на придонесите за бенифициран стаж на работниците на кои им следува ( на годишно ниво во износ од 1.050.000 денари, но на име заостатнати плаќања на бенифициран стаж се исплатуваат по 450.000 денари по вработен)“ вели Талевски.
Во делот на трошоците и одржувањето на старата и дотраена механизација, а ја наведува и ниската цена на услугата за собирање и одведување на отпадни води.
„Цената на нашата услуга ја определува регулаторната комисија за Енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад и нашето барање за зголемување на тарифата не доби зелено светло од Советот на Општина Битола во износ кој беше побаран“ вели тој.
Во 2026 година се планира овие предизвици да се надминат со зголемување на обемот на работа.
„За таа цел со Општина Битола ќе се случат нови договори во износ 45.975.908 денари, за споредба во 2025 се работеше на договори во износ од 20.817.642 денари. За реализација на овие цели се планира набавка на нови основни средства комбиниран ровокопач и натоварувач, потоа мала градежна машина –мини натоварувач и заштитни оплати за работа“ истакнува Талевски.
Директорот на „Нискоградба“ вели дека во годината што доаѓа КЈП „Нискоградба“ ќе даде приоритет на приходите, бидејќи расходите и во 2025 година беа намалени односно сведени на минимум сразмерно на остварените приходи.