Денеска во Битола беше промовирана и доделена дел од предвидената опрема за управување со отпад (возила и контејнери/канти) за општините од Пелагонискиот и Југозападниот регион.
Премиерот Христијан Мицкоски беше придружуван од министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа и заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска.
Пред присустните градоначалници и претставници на општините, како и партнерите од Европската банка за обнова и развој развој (ЕБРД) и донаторите (SECO, WBIF, СИДА), премиерот Мицкоски рече дека денеска испраќаме силна и недвосмислена порака дека чекориме напред од систем кој што со децении беше запоставуван, кон современо, одржливо и европско управување со отпадот.
„Со промоцијата и испораката на новата опрема за справување со цврстиот отпад правиме конкретен чекор кон почиста живота средина, повисок квалитет на живот и посилна заштита на здравјето на граѓаните. Оваа опрема не е само техничко средство, таа е симбол на системска промена. Со нејзината распределба овозможуваме значително зголемување на покриеноста со услугата за собирање на отпад како во урбаните, така и во руралните средини“ рече премиерот Мицкоски.
Со возилата, контејнерите и кантите зa отпад кои Владата преку Министерството за животна средина и просторно планирање ги доделува на јавните комунални претпријатија во овие општини ќе се олесни и ќе се подобри работата на јавните комунални претпријатија во овие општини.
На паркингот пред спортската сала беше изложена дел од опремата и тоа 10 камиони со капацитет од 8 кубни метри, 4 камиони со капацитет од 12 кубни метри, 1 кипер камион, 1 камион од марката „Рено“, како и друга придружна опрема која ќе ја зајакне ефикасноста на комуналните услуги.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски кажа дека денес зборуваме за еден многу значаен проект за животната средина во нашата држава, проект кој бара системски пристап на повеќе институции на локално, регионално и централно ниво за да резултира со трајни решенија за проблемот кој со децении го чувствуваат граѓаните, а особено жителите на големите урбани средини.
„Станува збор за Регионалниот проект за управување со цврст отпад, кој не значи само изградба на депонија, набавка на камиони или контејнери. Тој е нов начин на управување, систем заснован на европски стандарди, одговорност и регионална соработка, целосно усогласен со директивите на Европската Унија. Општина Битола, како најголема општина во Пелагонискиот регион е и една од општините кои се најголеми генератори на комунален отпад во регионот, поради што имаме посебна улога и одговорност во овој процес. За нас, овој проект значи крај на импровизациите и почеток на современо, контролирано и одржливо управување со отпадот“ рече градоначалникот Коњановски.
Коњановски потсети дека регионалниот центар за управување со отпад ќе се гради во општина Новаци, во кругот на РЕК Битола, што е резултат на регионална солидарност и заемната доверба меѓу општините и рече дека Битола ја поддржува оваа одлука, затоа што само преку заеднички решенија можеме да имаме чист регион и здрава животна средина.
„ Со реализацијата на планираните активности, ќе се овозможи затворање и санација на постојните нестандардни депонии, како и воспоставувањето на нов систем со претоварни станици во Прилеп, Дебар, Охрид и Кичево, што ќе придонесе за значително намалување на загадувањето, заштита на почвата и подземните води, подобри услови за граѓаните, долгорочно одржлив модел за сите општини во регионот“, кажа тој.
Конкретните придобивки за општина Битола, како што рече Коњановски веќе се видливи со испораката на нова опрема – канти, контејнери и камиони за собирање отпад, се создаваат услови за поголема покриеност со услуга и во урбани и во рурални средини, поефикасно собирање на отпадот и воведување селекција уште на местото на создавање.
Тој потенцираше дека инфраструктурата сама по себе не е доволна и дека успехот на овој систем ќе зависи од тоа колку општините, јавните претпријатија, институциите, но и граѓаните ќе ја прифатиме новата култура на одговорно постапување со отпадот.
„Овој проект е доказ дека кога државата, општините и меѓународните партнери работат заедно, резултатите се конкретни, видливи и корисни за сите. Заедно градиме почиста Битола, почист Пелагониски регион и се грижиме за иднина на нашите граѓани“, рече градоначалникот на Битола.
На настанот се обрати и министерот за животна средина и просторно планирање и градоначалникот на Општина Новаци.