
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Православните христијани во земјава денеска го слават Рождеството Христово-Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуваат божикни литургии.
Рождество Христово (Божик) – празник на радоста и надежта
(Именден празнуваат: Богоја, Христо, Божин, Ристо, Христина, Ристана, Ристовка…)
Божик спаѓа меѓу најголемите христијански празници, зашто на тој ден се празнува раѓањето на Спасителот Исус Христос. Колку овој ден е важен за човештвото се гледа и по тоа што тој е земен за клучен датум, односно камен темелник, за пресметување на времето, па така имаме стара и нова ера што значи време пред и по раѓањето на Исус Христос.
Овој празник е наречен и матица на повеќе празници бидејќи да не бил овој празник, што значи да не се родел Исус Христос немало да има ниту негово крштевање, (значи немало да го има празникот Водици), немало да има ниту Распетие и Воскресение (Велигден) ниту Вознесение (Спасовден), немало да постојат ниту празниците Духовден, Преображение, Крстовден итн.
Со Божик е поврзана и пословицата: „Пред Божик, зад Божик кај да си, дома да си“ што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината исполнет со снежни вејавици, но и со други опасности сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом….
