2win800x200

На битолчанец ќе му се суди за дивоградба - Судот го прифати во целост Обвинителниот акт на ОЈО Битола

Јануари 27, 2026

Во Основниот суд во Битола ќе му се суди на битолчанец за дивоградба. Судот извести дека го прифати обвинителниот акт против едно лице за бесправно градење. Делото за кое се товари обвинетиот предвидува казна затвор од три до осум години. Во законот стои - тој што гради или изведува градба или врши надзор над градба на сопствено или туѓо земјиште без одобрение за градење или спротивно на одобрението за градење издадено од надлежен орган, ќе се казни со затвор од три до осум години. Засега е непознато за која дивоградба станува збор, освен тоа дека случајот бил под истрага од 2024 година. 

Инаку во рок од една година ова е втор јавно обелоденет случај, ОЈО Битола да поднесе обвинителен акт за бесправно градење и да почне судење. Лани ОЈО Битола покрена обвинителен акт за инспекторот од Општина Битола, Кирил Мицевски за случајот со дивоградбата во потпелистерското село Дихово и веќе му се суди.

 

Денес  Основниот суд Битола соопшти - „Обвинителниот акт на Основното јавно обвинителство Битола одобрен во целост.
 

Советот за оцена на обвинителниот акт, постапувајќи по обвинението КО.бр.496/24 од 04.12.2025 година, поднесено на 09.12.2025 година, против едно лице за кривично дело „Бесправно градење“ од член 244-а став 1 од Кривичниот законик, го одобри во целост.

По вака одобрениот обвинителен акт против едно лице ќе се формира кривично – правен предмет кој согласно АКМИС системот ќе биде распределен на понатамошно постапување кај совет од член 25 став 1 од Законот за кривичната постапка, за што ќе биде насрочен термин за главна расправа, истиот ќе биде достапен на календарот за судења на веб страната на судот, соопшти Основен суд Битола.

 

Инаку правници појаснуваат што значи кривично дело „Бесправно градење“ од член 244-а став 1

Кривичното дело - Бесправно градење од член 244-а став 1 од Кривичниот законик, се смета за довршено во моментот кога сторителот ќе почне да гради, иако нема дозвола за градење, што значи дека и дадената опомена да го отстрани бесправно изградениот објект, нема никакво влијание врз неговата кривична одговорност.
Под поимот “градба“ согласно Законот за градење, се подразбира секоја доградба во смисла на секаква промена на габаритот на постоечкиот објект во вистинска смисла, а
челичната конструкција како платформа за монтирање на антени со придружни држачи, подложи на надворешни влијанија кои дополнително ја зголемуваат тежината на надградбата и истите дополнително влијаат врз стабилноста на објектот, поради што за ваква конструкција било потребно одобрение за градба кое го издава Градоначалникот на Општината.
 
А.Б 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани