
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Францускиот почесен конзулат и Француската Алијанса во Битола најавуваат бројни активности во текот на традиционалната „Франкофонска пролет“.
Оваа година , покрај одбележувањето на Месецот на Франкофонијата, ќе означи и одбележување на две значајни годишнини : 30 години конзуларно делување и 25 години Француска Алијанса Битола, институција која веќе четврт век ги промовира францускиот јазик, култура и вредности.
Широко распространетото меѓународно одбележување на Месецот на Франкофонијата не претставува само програма од настани – тоа е прослава на заедничките вредности, на љубовта кон јазикот, уметноста и отвореноста кон светот.
Програмата за март и април (во прилог) ќе понуди активности за сите вкусови, за сите генерации и публиката ќе има можност да ужива во богата и разновидна програма:
Современ француски танц – енергичен и визуелно впечатлив перформанс што ја носи современата француска уметничка мисла на сцената во Битола.
Свечена приредба во изведба на нашите најдраги, учениците – емотивен омаж на франкофонските вредности и на долгогодишната културно образовна мисија.
Многу филм - Вечери со франкофонски филмови и Мала школа на краткометражни детски филмови – кинематографски патувања што ги доближуваат франкофонските приказни до сите генерации.
Џипси џез вечер – страст, ритам и виртуозност во духот на француската “ мануш “музичка традиција.
Џез концерт – Традиционално отворање на Џез Фабрика Фестивалот со француски гости како прослава на слободата, импровизацијата и културната размена.
И оваа пролет Битола повторно станува место каде културата обединува, инспирира и создава нови мостови. Јубилеите што ги славиме се доказ за трајната посветеност на франкофонската идеја и за длабоките врски што се градат преку уметноста и образованието, пријателството и споделувањето.
Ги покануваме сите граѓани, љубители на културата и пријатели на франкофонијата да бидат дел од ова чествување.

Францускиот институт во Скопје, Француската Aлијанса , Француското Конзуларно претставништво и Народниот Театар Битола и фестивалот ТАНЦ-ФЕСТ
имаат чест да ве поканат на танцовата претстава
„F_AI_LLE“ на групата K.Danse
Петок 13 март 2026 I 20 ч. I Народен театар Битола
Оваа претстава го истражува дијалогот помеѓу човечкото тело и вештачката интелигенција со помош на сензори кои го читаат движењето на танчерите во реално време и создаваат аудио-визуелни форми кои постојано се менуваат.
