Демант на последните јавни напади на странски инвеститори во Индустриска зона Жабени Битола
Почитувани сограѓани,
Во врска со последните јавни напади, чувствуваме должност одговорно и достоинствено да се обратиме.
Индустриската зона Жабени претставува срцето на битолската и пелагониската економија. Во неа се вработени речиси 6.000 наши сограѓани од регионот, што ја прави најголем работодавач во државата и столб на економската стабилност на Пелагонија. Зад овие бројки стојат семејства, домови и реални животни приказни.
Особено е срамно и неосновано да се напаѓа странски инвеститор од особена важност за регионот, кој со години вложува, отвора работни места и придонесува кон економскиот раст. Ваквите изјави не само што не се во интерес на граѓаните, туку испраќаат лоша порака до сите потенцијални идни инвеститори.
Просечната плата во зоната за 2025 година изнесува 48.344 денари, што е повисока од државниот просек и речиси двојно повисока од минималната плата. Тоа се конкретни показатели дека станува збор за сериозни компании кои обезбедуваат достоинствени услови и сигурна егзистенција.
Во моментов се градат две нови фабрики – процес кој неминовно носи зголемено движење на механизација и привремено валкање на просторот. Тоа е преодна фаза на развој. Истовремено, редовно се врши миење на улиците во понеделник и среда, а надлежните служби континуирано постапуваат со цел одржување на редот и хигиената.
Наместо политизација и создавање негативна клима, потребна ни е зрелост, одговорност и поддршка за инвестициите што носат работни места и економска сигурност.
Индустриската зона Жабени останува симбол на труд, развој и економска сила на Битола и Пелагонија.
