Прва меѓународна победа за АК Олимп: Димитар Петровски триумфираше во Ниш
Атлетскиот клуб Олимп од Битола го забележа својот прв меѓународен триумф по новиот почеток на клубот, откако Димитар Петровски победи на полумаратонот во рамки на маратонот „Самопревaзилажење“, кој се одржа во Ниш, Србија.
Петровски настапи на полумаратонската дистанца и убедливо го освои првото место со време од 1:18:40, покажувајќи сигурност, одлично темпо и целосна контрола во текот на целата трка.
Оваа победа има дополнителна тежина и затоа што настапот беше дел од неговиот редовен тренинг циклус, што укажува на одлична форма и подготвеност во пресрет на пролетната натпреварувачка сезона.
За Атлетскиот клуб Олимп, кој во последниот период започна ново поглавје со нов тренерски тим и засилувања во составот, овој резултат претставува важен сигнал дека клубот повторно се позиционира на атлетската сцена и надвор од границите на Македонија.
Победата на Петровски во Ниш е првиот меѓународен триумф за клубот во овој нов циклус, резултат што носи дополнителна мотивација и за атлетичарите и за стручниот тим во продолжението на сезоната.